Нова акција за чистење на Водно

Борбата продолжува! Време е за в шума, другари и другарки! Овојпат, ние од параѓубреџиската формација #НеБидиЃубре сме засилување на браќата и сестрите од #ГоСакамВодно и #СпасЗаВодно! Чукна часот да се обединиме сите обесправени, еколошки освестени, чесни и одговорни граѓани и да тргнеме во бој со сите бесчесни луѓе и ѓубриња расфрлани по нашите планини, китни села, паркови, шеталишта и потенцијални градежни маркици!, напиша на социјалните мрежи актерката и активистка Сања Ристиќ, една од иницијаторките на серијата акции #НеБидиЃубре.

Акцијата почнува на Средно Водно од 10 часот.

Тука се делат потребни реквизити за борба: ракавици, вреќи, вода и сендвичи од #ТеткаБиберче.

„Она што вие треба да си обезбедите се маички за пресоблакање, шушкавци, соодветни обувки за планинарење. Да знаете, ќе биде облачно, а температурата 24°. Потоа, се прегрупираме во помали единици и го гушкаме Водно од четири страни! За оние кои не можат да се искачат, имаме буџет кој е предвиден за жичарата, па они можат да делуваат и на врвот, зашто и таму има непријателски го**а! Собираме све и носиме на врв! Таму не’ пречекуваат шумски свирачи со вино и ракија!  Пребројуваме вреќи, се сликаме и уживаме во чашка муабет и нашата победа! Пуштаме поглед накај Скопје од високо и констатираме колку е загадено, али о том, потом!“, повика Ристиќ.

Инаку, акцијата се одржува денес, за да може потоа активистите да се приклучат утре од 12 часот на протестниот марш „Сонувам за хумано утре“.