Нова акција на улица „Букурешка“, ќе се собираат играчки за деца од социјално загрозени семејства

Граѓаните обединети во неформалното движење „Зелено Тафталиџе“, овој викенд организираат акција на собирање играчки за деца од социјално загрозени семејства и од Домот за деца без родители. Оваа дружба, како што ја нарекуваат, ќе се одржи во недела (22 мај), во 13 часот во паркот на улица „Букурешка“.

„Бидејки се бориме да сочуваме катче каде ќе може да имаат безгрижно детство и истите беа умни и помогнаа во чистењето на паркот, оваа дружба им ја посветуваме нив.
Целта е правилното искористување на паркот односно џагорот, детската смеа и игра да се вратат онаму каде припаѓаат, во паркот“, се вели во најавата за настанот.

Тие ги повикуваат сите жители на населбата да се вклучат во акцијата, со цел да им го разубават денот на децата.

„Не дозволувај да фрлаат бетон врз иднина на најмладите“, порачаа жителите на Тафталиџе.

Тие се организираа пред две недели во одбрана на паркот во населбата, каде треба да никне нова зграда која ќе уништи дел од зеленилото. Претходно, се одржа акција за чистење на паркот и голем собир со кој побараа итно да запре изградбата на зградата.