Нова акција на „Чист Охрид“ – Второ Охридско езеро од пластика

Иницијативата „Чист Охрид“ денеска ја спроведе својата осма акција, со десетина волонтери, на локација на која охридски „Комуналец“ претходно спроведе акција, поконкретно на едната страна на улицата Марко Цепенков, опфаќајќи ја тревната површина до болницата.

Како што посочуваат од „Чист Охрид“, акцијата е направена поради незадоволството од површното чистење на просторот од страна на охридското комунално претпријатие.

„Драги охриѓани, Охридски Комуналец зад себе остави поплава од отпад. Иако сме задоволни од количината која ја собравме на денешната акција, а тоа се 20 вреќи отпад, сепак со жалење објавуваме дека тоа ни оддалеку не го решава проблемот. Ситуацијата е алармантна – целата тревна површина го има прифатено отпадот како релјеф, тревата и растенијата се мачат да пораснат над и околу многубројните пластични шишиња, лименки, амбалажа од бонбони, детска облека и обувки, како и огромна количина градежен шут. Газевме на тревата и слушавме звук на пластика под неа. Со многу труд, успевавме да дојдеме до неа и да ја отстраниме. Најлонските кеси се распаѓаа на допир. Колку години отпадот стои на таа локација??? Видовме огромни трнливи грмушки кои проголтале секаков отпад и е невозможно да се исчистат без соодветна механизација, која притоа целосно би ги уништила и растенијата. Шприцеви и игли наоѓавме на секој чекор. Затоа, јавно ги прашуваме Охридски Комуналец: Вака ли ја исчистивте локацијата? Свесни ли сте дека ова е резултатот од она за кое се пофаливте дека сте го сработиле? Дали чувствувате срам?!“, порачуваат волонтерите од „Чист Охрид“ кои најавуваат дека ќе продолжат со ваквите акции бидејќи граѓаните заслужуваат чист град.

7

8

9

 

2

3

4

5

6

`10

11