Нов Зеланд ја одби технологијата на „Хуавеј“ поради националната безбедност

Нов Зеланд е последната држава што го блокираше предлогот за користење на телекомуникациска опрема од кинескиот производител „Хуавеј“ поради загриженост околу националната безбедност. Телекомуникациската компанија „Спарк Нов Зеланд“ сакала да ја користи опремата на „Хуавеј“ за создавање на својата 5G мобилна мрежа. Сепак, од Владата велат дека договорот значително ќе ги зголеми ризиците по националната безбедност.

5G мрежите се градат во неколку земји и ќе го формираат следниот значаен бран на мобилна инфраструктура. „Хуавеј“ е најголемиот производител на телекомуникациска опрема во светот, но наиде на отпор кај владите од неколку земји поради страв дека неговата технологија може да биде користена за шпионажа. Од компанијата досега не го коментирале случајот, објави ББЦ.

Овој потег следи по одлуката на Австралија да ја блокира можноста „Хуавеј“ да обезбеди 5G технологија за австралиската безжична мрежа, поради страв од можна шпионажа. Соединетите Американски Држави и Велика Британија исто така изразија загриженост во врска со кинеската компанија, а критики стигнуваат и од Германија, Јапонија и Јужна Кореја.