Нов Зеланд е првата држава која воведе платено отсуство за жртви на семејно насилство

Нов Зеланд стана првата држава во светот која усвои закон со кој на жртвите на сексуално насилство им се гарантираат 10 денови платено отсуство, период во кој ќе им се овозможи да ги напуштат партнерите, да најдат нов дом и да можат да се заштитат и тие и нивните деца.

Носењето на законот, со 63 гласа за и 57 против, беше проследен со аплауз од пратениците. Политиката е резултат на седумгодишната работа на пратеничката од Зелената партија, Јан Логи, која работела во сигурна куќа за жени пред да стане политичар.

Пратениците од најголемата Национална партија, првично го поддржале предлогот но, на последното читање на законот ја повлекле поддршката, со образложение дека тоа ќе претставува голем удар за малите и средни бизниси и дека може да ги обесхрабри работодавачите да вработуваат луѓе за кои се сомневаат дека се жртви на домашно насилство.

Нов Зеланд е меѓу државите со највисоко ниво на случаи на семејно насилство во развиениот свет, со инциденти кои се пријавуваат на полицијата на секои четири минути. Според проценките, семејното насилство ја чини државата меѓу 4,1 и 7 милијарди новозеландски долари секоја година.

Логи, која се расплакала по изгласувањето на законот, изјавила дека новите прописи се првиот чекор кон справување со ендемското и застрашувачкото ниво на случаи на семејно насилство, додавајќи дека овој пример треба да го следат и други земји.

„Дел од оваа иницијативата е намерата да се добие реакција од целото општество. Не само да ги оставиме работите на полицијата, туку да сфатиме дека сите ние имаме улога во помагање на жртвите. Се работи и за менување на културните норми и гласен став –сите ние имаме удел во ова и не е ОК“, рекла Логи.

Новиот закон ќе стапи на сила во април следната година и со него ќе биде овозможено платено отсуство од работа на секоја жртва која доживува семејно насилство. Ова отсуство ќе биде покрај стандардните права за платен одмор и боледување.

Жртвите на семејно насилство нема да треба да ја докажуваат својата ситуација и ќе имаат право на брзо овозможување флексибилност во работните услови кои ќе овозможат поголема сигурност – како што е промена на работната локација, промена на електронската пошта и бришење на нејзините контакт информации од веб-сајтот на работодавачот.