Нов закон за пушење – Граѓаните потпишуваат петиција, владата бара широка дебата

„Ваков закон не е потребен“, „Бесмислена иницијатива“, „Приоритет нека биде здравјето на граѓаните“, „Сегашниот закон е еден од ретките добри закони“, „Никој нема право на профит по цена на моето здравје“, „Да не се враќаме чекор наназад“…

Ова се дел од коментарите кои граѓаните ги објавиле заедно со својот потпис на онлајн-петицијата против најавите за нов закон за пушење. Петицијата за 15 часа, откако е објавена, собра над 2.700 потписи.

„Да не дозволиме да се упропасти еден од ретките закони кој е во одбрана на човековото здравје. Дали профитот на мал број луѓе вреди колку здравјето и животот на само еден човек?“, стои во повикот на онлајн-петицијата која иницијаторот планира да ја достави до македонската влада.

Негодувањата доаѓаат по информациите дека во владата се подготува сосема нов закон за пушење, кој би се однесувал на угостителските објекти каде не се служи храна. Преку законот би се понудила можност на сопствениците самите да одлучат дали во нивните локали ќе се пуши или не.

„Комплетна либерализација и право на избор. Пред сè на угостителските објекти да имаат право да изберат. Ако сакаат пушењето да биде дозволено, тие да го имаат тоа право преку лиценца. Ако сакаат да биде за непушачи, тоа да биде нивен избор. Апсолутно тоа не се однесува таму каде што се служи храна. Работат стручни луѓе, сакаме меѓународна пракса“, рече премиерот Зоран Заев, соопштувајќи некои детали од тоа што се подготвува како законско решение.

Од владата дополнително посочија дека во прв план ќе биде ставено здравјето на граѓаните, потенцирајќи дека нема да носат избрзани одлуки, без широк граѓански консензус. Најавуваат јавна дебата во која ќе бидат слушнати сите засегнати страни.

Против законот веќе се изјаснија и од Министерството за здравство, кои наведуваат дека иако пушењето е личен избор, тоа не е случај кај пасивното пушење.

Најавите за законски промени веќе испровоцираа дебата кај корисниците на социјалните мрежи. Граѓаните ги изнесуваат своите ставови и мислења, како на ретко која друга тема. Преовладуваат коментари на корисници кои се изненадени од приоритетот кој е даден на ваква законска промена.

 

Уште во јули, по скратена постапка, група пратеници покренаа промени во овој дел од законодавството. Предлог-законот беше испратен на мислење до владата, која минатата недела го врати назад во Собранието без да соопшти свое мислење.

Големите промени во Законот за заштита од пушењето беа донесени во 2010 година. Со измените практично се забрани пушењето во затворените јавни простории и угостителски објекти.

Даниел Евросимоски