Нов закон во Франција – Три години затвор за политичарите што вработуваат членови на семејството

Францускиот парламент го изгласа Законот за моралност во политичкиот живот, со кој се забранува политичарите да вработуваат членови на нивните семејства, што е прв поголем ваков потфат на претседателот Емануел Макрон.

Законот забранува министри, пратеници и членови на локалните власти да вработуваат свои венчани или невенчани сопружници, родители и деца. Казната за ова е до три години затвор и 45.000 евра.

Законот беше поддржан од 383 пратеници, тројца се спротивставија и 48 се воздржани. Членовите на владејачкото мнозинство аплаудираа по гласањето за законот.

Макрон вети брзо носење на законот откако во претседателската кампања беше доведена во прашање подобноста на некои кандидати.

Претседателскиот кандидат на десницата Франсоа Фијон, кој на почетокот на кампањата беше фаворит за нов шеф на државата, доживеа голем пад на популарноста по избивањето на скандалот со фиктивните работни места во парламентот за неговата сопруга Пенелопа и две од нивните пет деца.

Против Фијон среде кампања беше покренато прелиминарно обвинение за злоупотреба на јавни средства. Подоцна обвинението е поднесено и против неговата сопруга.

На мета на истрагата за малверзации и злоупотреба беше и Екстремната десничарска партија, Национален фронт, на Марин Ле Пен.

Законот исто така предвидува и други видови контрола на пратениците, вклучувајќи ја и забраната за вршење на советодавни активности за да се избегне конфликт на интереси, како и нов систем на контрола на нивните трошоци, кои ќе бидат следени од страна на Министерството за економија за да се избегне затајување данок и други измами.