Нов закон во Франција со кој докторите можат да пријават сомнителни случаи на семејно насилство

Француските законодавци усвоија закон со кој треба да се подобри заштитата на жртвите од семејно насилство.

Законот овозможува на докторите да ја прекршат доверливата комуникација со пациентите со цел да сигнализираат сомнителни случаи на семејно насилство до надлежните институции.

Според владините статистики, 128 жени и 21 маж биле убиени од нивните партнери или поранешни партнери во Франција во 2018 година. Истовремено 21 деца го загубиле животот поради насилство во семејството, пренесува Еуроњуз.

Невладината асоцијација „Фемициди од партнерите или бившите“ изброиле 150 такви убиства во 2019 година. Досега, оваа година, 53 жени биле убиени од својот тогашен или бивш партнер, според нивните статистики.

Ова прашање има прилично силно медиумско внимание во Франција, откако минатата година невладини и активисти алармираа за растот на насилството врз жените и ја повикаа владата да ги засили заштитните механизми за жртвите и да се подигнат казните за сторителите.

Поради пандемијата со Ковид-19 и мерките за спречување на ширење на вирусот, бројот на случаи на семејно насилство се зголемил за 30 проценти само во првите 10 дена од карантинот.

Со законот, усвоен вчера, истовремено се зголемуваат и казните за малтретирање меѓу партнерите. Во ситуација кога тоа малтретирање води кон некој од партнерите да се обиде или да изврши самоубиство, казната е до 10 години затвор.

Законот истовремено дозволува судиите да спречат насилниците да ги гледаат своите деца.