Нов средношколски марш во четврток во Скопје

Со наслов „Стоп за лошите реформи во средното образование“, во четврток (19 март) напладне ќе се одржи нов средношколски марш на скопските ученици.Маршот, информираат од Средношколски пленум,  ќе започне кај фонтаната во Градски парк, а ќе заврши пред МОН.

„Бараме враќање на стариот концепт на матура и мирување на законот за екстерно тестирање. Време е да го отфрлиме туѓото влијание бидејќи образованието ни припаѓа нам! Време е да покажеме дека нема да дозволиме да го уништат образовниот систем за нас и за идните генерации! Затоа дојдете и придружете се!“,
повикуваат пленумци.

Оттаму посочуваат дека на маршот е забрането истакнување на партиски, религиозни и етнички симболи, секаков вид на вандализам, уништување јавен имот, пропагирање на вертикална структура на организирање, насилство и говор на омраза, користење алкохол и опојни дроги, оружје и пиротехника.