Нов протест пред „Мајчин дом“ денеска во 18 часот

Аеродромци повикуваат на нов протест пред „Мајчин дом“ против рестартирањето на изградба на деветкатницата. Протестот е закажан за 18 часот.

„Да излеземе и да го искажеме повторно нашиот став во 18 часот кај црквичката кај поставената ограда на градилиштето. Оваа зграда не смее да се гради, Општината нека му ја надомести штетата на инвеститорот. Да не им дозволиме на властите да се богатат на сметка на нашето здравје и на сметка на здравјето на идните генерации“, се вели во повикот за протест.

Утрово се рестартираа багерите за изградба на деветокатницата кај „Мајчин дом“, ден откако Уставниот суд ја одби поднесената претставка за оценување на уставноста на донесениот ДУП за градска четврт И10, во кој влегува зелената површина претворена во градежна зона.

По пауза од неколку недели и граѓански протести, откако градењето беше времено стопирано бидејќи инспекторите констатираа неправилности на градилиштето, утрово работниците пристигнаа на парцелата, а багерите го прекопуваа теренот.