Нов предлог-закон за охридскиот универзитет ги закара студентите со пратениците

Осуммина пратеници доставија предлог-закон до Собранието, со кој бараат досегашните факултети на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ да се спојат во еден Факултет за применета информатика и дигитална хуманистика. Покрај ова, предлагаат додавање на четири други: Факултет за општествени и хуманистички науки, Факултет за студии на животна средина, Факултет за применети уметности и Институт за напредни истражувања за заштита и управување со животната средина и културното наследство.

Ова ги поттикна актуелните студенти да упатат петиција до Собранието, Владата и Министерството за образование и наука со која бараат целосно отфрлање на овој предлог -закон. Според студентката Б. Ч. тие стравуваат дека ќе ја изгубат струката „компјутерски инженер“.

„Не е направено никакво истражување, нема воопшто спроведено анкети дали има интерес за тие науки или не“, вели таа за Радио МОФ.

„Мислам дека повеќе се лични интереси конкретно на пратениците кои го имаат донесено овој закон, бидејќи еден од пратениците е поранешен вработен на факултетот“, нагласи Чаулева.

„Во нашата држава има недостаток од ИТ кадри, а со предлог законот еден технички Универзитет за компјутерски науки се предвидува да се трансформира во друг Универзитет со факултети за кои нема толкава потреба. Факултетите кои се наведени се  повеќе сродни со факултетот за туризам бидејќи таму се изучува Културно наследство.

Ние не сме против отворање на нови факултети, но не по цена на претворање на постоечките факултети во насоки на Факултет за применета информатика и дигитална хуманистика. Нови факултети на УИНТ можат да се отворат, но факултети од областа на информатика и компјутерско инженерство мора да има и понатаму“, се вели во петицијата на студентите.

Првото читање на предлог-законот е закажано за 11 декември, а негови поднесувачи се пратениците Жаклина Лазареска, Љубен Арнаудов, Рубин Земон, Сашо Василески, Арта Точи, Ѓулумсер Касапи, Ферид Мухиќ и Шпреса Хадри.

Пратеникот Рубин Земон во изјава за Радио МОФ вели дека главна причина за овој чекор е тоа што Универзитетот работел надвор од законските стандарди, а како доказ ги наведува извештаите на Државен просветен инспекторат и Заводот за ревизија.

„Некој ги изманипулирал студентите, ги истрауматизирал дека не продолжуваат програмите. Напротив, студиските програми ќе продолжат – како што се запишале, така ќе завршат. Ни по Закон не може тоа да се промени, ниту пак таква намера сме имале“, уверува тој, нагласувајќи дека Министерството за образование и наука размислувало целосно да го укине Универзитетот.

„Нема легитимно избрани органи. Ректорот не е легитимно избран, нема соодветен Сенат, како што треба по закон и Статут на Универзитетот. Исто така, никаде во светот не постои Универзитет само од една научна дисциплина како што е во Охрид направен за информатички науки и технологии“, додава тој.

Според овој пратеник, Охрид треба да добие академски центар налик на Школата на Св. Климент Охридски, па поради тоа предложиле и Факултети за општествени и хуманистички науки. Го спомна и проблемот со зачувување на статусот на заштитено подрачје од УНЕСКО и загадувањето, но и немањето соодветен кадар за справување со овие проблеми како причини за предложување на студиите за животна средина. Потребата за Факултетот за применети уметности, пак, ја поткрепува со поддржувањето на уметностите кои изумирале, а потекнуваат од Охрид.

„Илузорно е да се гордееме со Охрид и Св. Климент а да немаме некоја институција што на некој начин може да биде негово продолжение. Да имаме елитно образование, за Охрид како бренд во цел свет. Го знаат како центар на словенската писменост, а ние немаме ништо што ја продолжува таа традиција“, вели Земон.

Дел од студентите утре ќе се сретнат со пратеничката Жаклина Лазареска, а по првото читање во Собрание ќе се одржи и јавна расправа на која ќе бидат повикани студентите, професорите и институции.

Емилија Петреска