Нов предлог-закон за четиридневна работна недела во САД

Американскиот сенатор Берни Сандерс поднесе предлог-закон со кој се намалува работното време од 40 на 32 часа неделно и работниците добиваат уште еден слободен ден за викенд.

Повикот за европските компании да прифатат четиридневна работна недела се зголеми ковид пандемијата.

Независниот и крајно левичарски сентаор Сандерс вели дека со оглед на напредокот на автоматизацијата и вештачката интелигенција (ВИ), американските компании може да си дозволат да им дадат повеќе слободно време на работниците без да им ги намалат платите и бенефициите.

Критичарите велат дека задолжителната пократка недела ќе принуди многу компании да ангажираат дополнителни работници или да ја изгубат продуктивноста на тие што веќе се вработени.

Со предлог-законот работниците кои ги исполнуваат условите за прекувремена работа (повеќе од 32 часа неделно) би биле дополнително платени.

Сандерс изјави дека намалувањето на работното време ќе се случува постепено и ќе трае повеќе од четири години.

Сепак, со значително противење од Републиканците и потенцијално некои од Демократите засега не се очекува предлог-законот на Сандерс да стигне многу далеку во Сенатот.

Сенаторот на Републиканската партија, Бил Касиди од Луизијана изјави дека плаќањето на работниците со исти плати за помалку часови ќе ги принуди работодавците да вработуваат повеќе луѓе.

„Тоа ќе биде закана за милиони мали бизниси кои работат со мала маржа бидејќи тие не можат да најдат доволно работници. Тие сега ги имаат истите работници, но само во три четвртини од времето и ќе мора да вработаат повеќе“, изјави Касиди.

Сандерс ја искористи платформата како претседател на Комитетот за здравство, образование, труд и пензии на сентатот за да го прикаже законодавството кое има за цел големите корпорации да станат поодговорни. Тој ги обвини директорите кои се алчни за дополнителен профит.

„Дали треба да продолжиме со трендот технологијата да претставува бенефит само за луѓето на врвот, или треба да бараме овие трансформативни промени да им биде придобивка на работниците? Една од тие придобивки мора да биде пократка работна недела, 32-часовна работна недела“, рече тој.

За пократка работна недела почна да се зборува уште во 2022 година кога тим универзитетски истражувачи и непрофитната организација „4-дневна недела Глобал“ ангажираа 61 компанија да го намалат работното време на четири дена за време на шест месеци без да им ги намалат платите на вработените.

Потоа 71 отсто од 2.900 вработени се изјасниле дека се чувствуваат помалку уморни, а речиси половина изјавиле дека се позадоволни од својата работа.

Во меѓувреме 24 од компаниите – учеснички пријавија раст на приходите од повеќе од 34 отсто во текот на претходните шест месеци. Скоро 20 од компаниите забележаа помал пораст.

40-часовната работна недела во САД се применува речиси осум децении.