Нов пожар во студентскиот дом „Гоце Делчев“, нема повредени

Пожар избувна синоќа во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје – повредени нема, а причинета е само материјална штета, објави Плусинфо. Огнената стихија започнала во помошна просторија на приземјето во блок В, пламените јазици ја пеплосале просторијата, а навремената интервенција на противпожарната бригада не дозволила пожарот да се прошири.

Нов пожар во студентскиот дом „Гоце Делчев“, нема повредени

 

Државниот студентски центар соопшти дека пожарот бил подметнат од лице во алкохолизирана состојба, што претходно се обидело да влезе во домот.

„На ден 1.12.2013 година во 3:30 часот во студентскиот дом  “Гоце Делчев“ – Скопје, од страна на вработените лица,  бил забележан пожар во една од приземните простории во блок В. Веднаш е пристапено кон гасење на пожарот и истовремено е известена и противпожарна служба која што за кратко време пристигнала и го спречила неговото проширување.

Известена е полицијата којашто работи на откривање на идентитетот на лице коешто од страна на вработените беше посочено како причинител на пожарот, а кое најверојатно во алкохолизирана состојба, се обидело да влезе во студентскиот дом без да биде легитимирано, поради што било одвратено од намерата. Предизвикана е минимална материјална штета. Собите во коишто се сместени студентите, не се оштетени“, се вели во објаснувањето на ДСЦ.

Ова е втор пожар годинава во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Во април, целосно изгореа  две соби на приземјето од блокот Б, повредени немаше, но беше направена голема штета.