Нов паркинг за велосипеди на плоштадот „Македонија“

Град Скопје информира дека на плоштадот „Македонија“ денеска е поставено уште едно паркиралиште за велосипеди во облик на шише од Кола-Кола, каде може да се паркираат 24 велосипеди.

„Ова е една од трите паркиралишта за велосипеди што Пивара АД Скопје ги доделува на Градот Скопје. Преостанатите паркиралишта ќе бидат поставени на булеварот ‘Кузман Јосифовски Питу’ во близина на зградата на Народната банка на Република Македонија, како и на булевар ‘Јане Сандански’ кај ТЦ Капитол“, велат од Град Скопје.

Од таму посочуваат дека проектот за поставување на овие паркинзи за велосипеди почна минатата година и досега вакви се поставени на повеќе локации низ градот.

„Основната цел на овој проект е промоција на физичките, спортските и рекреативните активности, но и грижа за животната средина и намалување на сообраќајниот метеж во градот преку поттикнување на велосипедската култура и промоција на велосипедот како алтернативен транспорт. Вкупната вредност за реализација на овој проект изнесува  1.264.603 денари“, информираат од Градот.