Нов конкурс за 745 ученички стипендии

Министерството за образование и наука годинава ќе додели 745 стипендии за ученици во јавните и приватните училишта. Конкурсот за учебната 2015/2016 година е објавен на интернет страната на Министерсвото, а стипендиите се поделени во 6 категории – за социјална поддршка на ученици, за ученици со статус на деца без родители, за ученици со посебни потреби, за талентирани ученици – спортисти, за талентирани ученици и за ученици од угостителско – туристичката струка.

Од стипендиите за годинава, 400 се наменети за социјална поддршка на учениците.Тие треба да имаат успех од најмалку 4,00, а при доделувањето во предвид ќе се земе материјалната состојба на потесното семејство на кандидатот, како и евентуално добиените награди од на државни или меѓународни натпревари. Стипенсијата за оваа категорија ученици е 2.200 денари месечно, во текот на девет месеци.

80 од стипендиите се наменети за децата без родители, додека 50 за учениците со посебни потреби. За добивање на стипендијата ученици треба да имаат успех од најмалку 3,00 среден успех, а таа изнесува 2.750 денари.

За талентирани ученици спортисти, ќе се доделат 150 стипендии. Учениците што аплицираат треба да имаат просечен успех од најмалку 4,00, а при бодувањето ќе се земат предвид и освоените награди на државни или меѓународни натпревари од областа на спортот. Стипендијата изнесува 2.970 денари. Дополнителни 50 стипендии се доделуваат за талентираните ученици што имаат одличен успех 5,00. Предност ќе имаат оние апликанти со освоени награди во поединечна категорија, на државни или меѓународни натпревари. И оваа стипендијата е во висина од 2.970 денари.

Годинава 15 стипендии од 2.200 денари месечно се наменети за учениците од угостителско – туристичка струка, со просечен успех 3,50 и освоено I, II или III место на меѓународен или државен натпревар од областа на угостителството или  туризмот.

Краен рок за аплицирање е 15 ноември. Резултатите ќе бидат објавени на порталот stipendii.gov.mk, на 14 декември.