Нов албум на Дубиоза Колектив „Happy Machine“

Скоро три години по нивниот последен албум, Дубиоза Колектив се враќаат со „Happy Machine“, нивното седмо лонгплеј издание, достапно за бесплатно преземање од интернет.

Инспирацијата за „Happy Machine“ се развива во тек на две години преку настаните кои го одбележаа периодот – од протестите во истанбулскиот Гези парк („All Equal“), притворањето на основачите на „Пајрат Беј“ („Free.mp3“), сириската бегалска криза и срамната реакција на Европа. На овој албум на Дубиоза Колектив како специјални гости со музички соработки учествуваат и Ману Чао, Бенџи Вебе од групата „Скиндред“, италијанскиот трубач и пејач Рој Пачи, „БЕЕ2“ пејачот од Пенџаб, каталонскиот ска-румба бенд „Ла Пегатина“ и Џамбо Агушев светски признатиот трубач од Македонија. Песните се отпеани на англиски, шпански, панџаби и италијански јазик.

„Што е „Happy Machine“? „Happy Machine“ или „среќна машина“ е, наједноставно кажано, балкански сјаен изум. Локалната „огнена вода“, наречена ракија, се дестилира во секое село ширум целиот регион. Секој дедо има своја тајна рецепта, секоја баба има своја една чашка за здравје секое утро. Пиењето топла ракија директно од „Happy Machine“ е познато дека инстантно предизвикува среќа и други ефекти слични на ЛСД авантурите (претставени во нивниот видео спот „No Escape“). Да, оваа древна пракса е забранета од страна на Европската Унија во последниве години, која бара и посебна дозвола дури и за производство на мали количини за не-комерцијална домашна употреба. И со тоа обичните семејства ги претвори во одметници“, се вели во соопштението за албумот.

„Сметавме дека ќе биде од помош ако детално прикажеме како да се направи ‘среќна машина’, па скицата ја поставивме на насловната страница“, велат од Дубиоза Колектив.

Happy Machine ја проповеда слободата на сѐ – говорот, движењето, идеите и знаењето, и борбата на обичните луѓе во обид да ги заштитат овие слободи од немилосрдните крадци да душата.

„Ако не успееме во тоа, барем ја имаме ‘среќната машина’ да ја залее тагата,“ додаваат од бендот.

„Happy Machine“ е достапен за бесплатно преземање преку официјалната веб-страница на бендот: www.dubioza.org.

Список на песни:

All Equal feat. BEE2
No Escape (From Balkan)
Free.mp3 (The Pirate Bay Song)
One More Time
Boom! feat. Džambo Agušev
Red Carpet feat. Manu Chao
Riot Fire feat. Benji Webbe
Alarm Song
Hay Libertad feat. La Pegatina
24,000 baci feat. Roy Paci