Нов албум на „Баклава“ – секоја песна со конкретна боја

Музичката група „Баклава“ го објави својот нов, четврти албум, кој е достапен на сите познати интернет платформи во светот.

Како што соопштија од групата, овој колоритен албум со вкупно 13 песни е создаван на концептот на бои. Секоја песна е посветена на конкретна боја, претставена преку музиката и стиховите.

„Создадовме светска музика. Вложивме многу. И мака и љубов. Сметаме дека е ова најдобриот албум што сме го направиле до сега, и сме многу благодарни на сите што го градеа со нас, и сите што го поддржуваа на било каков начин. Ова ремек-дело е наше дете. Без разлика дали тоа ќе ви биде смешно или раздразливо, ние го сметаме за свое, исто како да сме го родиле. И можеме да ви порачаме, дека покрај што ги сакате вашите деца, и покрај тоа што ве радуваат или нервираат додека растат, чувајте ги. Чувајте ги додека можете. Дајте им корен и дајте им крилја“, велат од „Баклава“.

Песните од нивниот нов албум може да ги слушнете на следниот ЛИНК.