Notorious BIG постхумно „ќе настапи“ со холограм да го промовира последниот албум

Фејт Еванс, вдовицата на починатиот рапер Notorious BIG, планира да создаде холографска слика од својот сопруг која ќе го изведува The King and I, албум кој се состои од нивни дуети.

„Работиме на развивање на холограм, но не знам точно како ќе настапувам со него. Но, сакам да дебитира во првото видео за албумот, а можеби и да го искористиме за настапи во живо“, изјавила Еванс за Dame Dash Radio Show, пренесува Guardian.

Пејачката која настапува во песната I’ll Be Missing You на Puff Daddy, која е снимена  во чест на нејзиниот сопруг и беше прва на листите кратко после неговата смрт во 1997 година, моментално работи на The King and I. Се работи за постхумен албум во кој има повеќе дуети на раперот.

„Да беше жив денес, знам дека ќе направеше нешто вакво. Но, начинот на кој се поклопија нештата и начинот на кој го користам неговиот вокал му дава нов живот на албумот, сосема е поразлично“, додава Еванс.

Ваквиот настап ќе го направи Биги последен од низа артисти кои постхумно „настапуваа“ со холограм, како Мајкл Џексон, Витни Хјустон и неговиот најголем ривал, Тупак Шакур.