Норвежаните незадоволни од новите „тоталитарни“ полициски униформи

Норвешката полиција се обидува да го расчисти недоразбирањето кое се појави во јавноста откако фотографии кои ги покажуваат „новите“ униформи на нивните службеници беа споредени со униформите кои ги носат тајните служби на тоталитарни држави, негативците од научно-фантастичните филмови, или облеката на комуналните работници.

Весникот Афтенпостен ги објави негативните реакции на униформите од тоа дека потсетуваат на униформите кои полицијата ги носела за време на нацистичкиот режим во Германија, или во Северна Кореја. Медиумот пишува дека тестирањето на сиво-зелените униформи за „урбана камуфлажа“, започнало во понеделник и дека се дизајнирани да ги заменат црните униформи кои сега ги носат специјалните припадници на полицијата. Афтенпостен потенцира дека новата боја е со „намера полицијата да не се истакнува во поголема група на луѓе“.

Новиот изглед на униформите Норвежаните ги потсетува на тајната полиција од тоталитарните држави

Оваа вест поттикна преку илјада коментари на фејсбук страната на весникот, меѓу нив и такви дека униформите се „доцна првоаприлска шега“, „потсетуваат на комунални работници“, но и такви коментари како „ова е нешто што го носи војската во Северна Кореја – одлично ако работите за фашистички режим“. Еден корисник постираше: „Империјата го возвраќа ударот, дали му платија за авторските права на Џорџ Лукас?“.

Норвешката полиција, во обид да го расчисти недоразбирањето во јавноста, соопшти дека дизајнот на униформите не е финализиран.

„Се работи за пробен период и униформите само се тестираат и се носат при тренинг ситуации – не и во интеракција со граѓаните. Ова значи дека нема да видите полицајци облечени во овие униформи како патролираат по улиците“, рекол Јорн Скјелдеруп, од Националниот полициски директорат за ББЦ, додавајќи дека крајната одлука за изгледот на новите полициски униформи нема да биде донесена до завршување на тест-периодот од две години.