Норвешкиот уредник кој го критикуваше Закерберг за цензура го предизвика на јавна дебата

Уредникот на норвешкиот весник Aftenposten, кој го спречи Фејсбук да ја отстрани фотографијата од „девојчето-напалм“, откако упати отворено писмо до основачот Марк Закерберг, го критикува дека избегнува јавна дебата за цензурата.

Еспен Егил Хансен, чиј весник Aftenposten помогна да се спречи одлуката да се отстрани фотографијата „Теророт на војната“ од Фејсбук верзиите на нивните текстови, го обвини Закерберг дека се крие од јавноста и одбегнува да дебатира на темата. Тој го обвини Фејсбук дека е „(не)пријател на народот“ поради начинот на кој доминира со интернетот.

Закерберг одби да го коментира случајот. Компанијата објави само анонимни изјави пуштени преку шведска фирма за односи со јавноста, вели Хансен.

Хансен го повикува Закерберг да престане да се крие зад моќните алгоритми на социјалната мрежа и лично да се вклучи во овој проблем. Тој додаде дека пасивниот пристап на Закерберг досега е „лош за демократијата“ и може да биде лош за Фејсбук на долгорочен план.

Хансен објаснува дека иако весникот успеал да го спречи Фејсбук да го цензурира, кампањата била „само симболична“ бидејќи досега не успеала да го принуди Закерберг јавно да се изјасни за проблемите кои ги предизвикува со забрнаите. Потенцира дека иако повеќето луѓе ги добиваат вестите преку Фејсбук, компанијата инсистира дека не е дел од медиумската сфера.