Норвешка привремено ја забрани апликацијата за следење на коронавирусот поради заштита на податоците

Инспекторатот за податоци на Норвешка ја забрани употребата на јавна здравствена апликација за контрола на ширењето на Ковид -19 поради загриженост за заштита на податоците.

Апликацијата „Smittestopp“ собира големи количини  лични информации за оние кои ја користат апликацијата, вклучително и секојдневни податоци за локацијата и информации за контактот на корисниците со други лица“, се вели во изјавата на Норвешкото регулаторно тело за заштита на податоци.

Апликацијата е поставена така што ги користи и GPS и Bluetooth сигналот за да ги следи движењата на луѓето, за да ги утврди ефектите од социјалното растојание и со кого корисниците доаѓаат во контакт. Собраните информации потоа се чуваат 30 дена.

Институтот за јавно здравје на Норвешка соопшти дека одлуката за привремена забрана на апликацијата ќе „ослабне важен дел од подготвеноста“ и ќе ја намали можноста на агенцијата да „се бори против постојаното ширење на инфекцијата“.

Норвешка има регистрирано 8.631 случаи и 242 смртни случаи во земја со население од 5,3 милиони луѓе.

Апликацијата беше тестирана во три општини и до 3 јуни беше преземена 1,6 милиони пати од скоро 600.000 активни корисници.

„Личните податоци што се собрани нема да се користат за да се следи дали лицата се во согласност со какви било официјални препораки или правила“, изјави претходно институтот за јавно здравје.

Како и другите апликациите за следење на коронавирус во многу други земји, и оваа апликација ги алармира луѓето кои биле во контакт со потврден случај на Ковид -19.

Институтот за јавно здравје рече дека „собраните лични податоци“ нема да се користат за да се „следи дали индивидуите ги почитуваат официјалните препораки или правила“.

Бјорн Ерик Тон, директор на Норвешкото регулаторно тело за заштита на податоци, смета дека апликацијата не дозволува луѓето „сами да изберат да придонесат со личните информации за следење на инфекцијата, без да прифатат дека информациите треба да се користат во исто време за анализа и истражување. ”

Тон додаде дека инспекторатот го доведе во прашање недостатокот на избор за корисниците на апликацијата за да утврдат како се користат нивните податоци.

Во меѓувреме, норвешкиот Институт за јавно здравје соопшти дека без вакцина или ефективно лекување, тие се надеваат дека ќе изнајдат друго решение за да може апликацијата да работи.

„Ова ќе резултира во послаба подготвеност затоа што губиме време за развој и тестирање на апликацијата, а исто така и послаба контрола на ширењето на инфекцијата во Норвешка“, се вели во соопштението Институтот.

Првичните тестови на апликацијата покажаа дека луѓето започнале да го намалуваат социјалното дистанцирање околу 10 мај. Сега, Институтот за јавно здравје ги охрабрува луѓето да ја задржат апликацијата на својот телефон во случај ако се дозволи да се реактивира.

Експертите за приватност на податоците предупредуваат дека владите не треба да чуваат податоци или да користат следење на локацијата како дел од апликациите за коронавирус, инсистирајќи на тоа дека исто така треба да биде оставено на корисниците дали да ги преземаат овие апликации, или не.