Ноќеска започнува зимското сметање на времето

Ноќеска (меѓу 26 и 27 октомври) во 3 часот наутро, започнува зимското сметање на времето, а часовниците ќе се вратат за еден час. Така, наместо 3, ќе биде 2 часот наутро.

Зимското сметање на времето започнува последниот викенд во октомври, а завршува во последниот викенд во март.

Од 2021 година треба да стапи во сила предлогот за укинување на задолжителното поместување на часовникот за еден час во земјите од Европската Унија. Предлогот беше усвоен од Европскиот парламент, но секоја членка на ЕУ ќе има можност да избере дали ќе остане на летно или на зимско сметање на времето.

Менувањето на стрелките на часовникот за летно и зимско сметање на времето првпат е забележано во 1916 година. Западноевропските држави пак овој систем го воведуваат во 70-тите години на минатиот век со оправдувањето дека така периодот на дневната светлина од раните утрински часови ќе се премести навечер.