Ноќеска се надградуваше Iknow системот на УКИМ, студентите по грешка добија пристап до лични податоци на колеги

Ноќеска студентите кои беа закачени на Iknow системот на УКИМ, забележаа дека има додадено ново поле, на кое преку едноставно испишување на бројот на индекс може да се влезе во профилот на колегите чиј број на индекс ќе биде впишан.

Во видеото кое тие го испратија до Радио МОФ, јасно се гледа дека откако ќе се впише некој број на индекс, веднаш се отвораат сите податоци за студентот, од име и презиме, адреса, просек, па се до телефон и матичен број. Системот дозволуваше и интервенција во податоците.

Веќе утрово, опцијата беше отстранета, но загрижени за безбедноста на нивните податоци, алармираа до нашиот медиум.

Од тимот кој работи на одржувањето на Iknow системот на УКИМ, објаснуваат дека се работи за грешка, која настанала при надградба на нова верзија на системот, во пресрет на новите уписи во електронска форма кои се воведуваат поради кризата со коронавирусот. Велат дека намерно било избрано надградбата да се прави во доцните ноќни и раните утрински часови, кога е очекувано само мал број студенти да го користат системот.

Сепак, додаваат дека се работи за ненамерен превид, тоа што во текот на неколку часа студентите добиле можност, според број на индекс да влезат во профилите на свои колеги. Уверуваат дека било невозможно да се менуваат податоци на профилите, и се извинуваат за грешката.

Ј.Ј.