Нобеловката за физика не била доволно важна за Википедија пред да ја добие наградата

Кога Кралската шведска академија на науките во Стокхолм оваа недела ја објави Нобеловата награда за физика, секој што сакаше да дознае повеќе за еден од тројцата победници би наишол на празна страница на Википедија.

Канадската физичарка Дона Стрикленд не била „доволно значајна“ за да има сопствената страница на веб-енциклопедијата, која ја надградуваат корисниците. Но, час и половина по соопштувањето на наградите таа добила свој профил на Википедија.

Пропустот уште еднаш ја истакна маргинализацијата на жените во науката и родовата пристрасност на Википедија.

Стрикленд е вонредна професорка по физика и астрономија на Универзитетот Ватерло и поранешна претседателка на Оптичкото друштво, но кога корисник на Википедија се обидел да креира профил за неа во март, страницата била одбиена од модератор.

„Референциите на овој податок не покажуваат дека субјектот се квалификува за статија на Википедија”, стоело во објаснувањето од модераторот.

Сепак, веднаш по објавувањето на Нобеловата награда, заедницата на Википедија се обиде да направи профил, да ги комплетира категориите за нејзиното истражување, биографијата и – најкритично – нејзините награди.

Но, нејзините колеги со кои таа ја дели наградата веќе имаат свои страници. Жерар Мору, на пример, имал страница на Википедија уште во 2005 година.

Заедно со Артур Ашкин ја делат наградата за нивната работа на импулсни ласери – широко гледани како предвесник за прецизна ласерска хирургија.

Таа е првата жена што ја доби наградата, откако во 1963 година ја доби Марија Гоферт-Мајер. Марија Кири беше првата што ја освои во 1903 година.

„Не треба да заборавиме дека се движиме напред. Ние секогаш напредуваме напред”, изјави таа.

Нобеловиот комитет сé повеќе е свесен за своите пропусти во следење на успесите на женските научници: минатата година сите добитници на наградите беа мажи.

Победата на Стрикленд ја заживеа дискусијата за недостатокот на женски лауреати во науката. Во текот на 117-годишнината од доделувањето на наградата, 50 жени се добитници од можни 923 награди. Стрикленд изрази надеж дека нејзината победа би можела да означи пресвртница за помладите жени-научници кои сакаат да се вклучат во истражувањето.

Случката, исто така, ја осветлува сопствената родова предрасуда во Википедија: само 16% од волонтерските уредници на страницата се женски, а само 17% од записите посветени на значајни луѓе се за жени.