Нобеловката Малала се врати во родниот град каде беше застрелана

Нобеловката за мир, Малала Јусафзаи, за прв пат се врати во нејзиниот роден град во Пакистан, каде во 2012 година беше застрелана во глава поради нејзината кампања за образование за девојчињата.

Таа пристигна со воен хеликоптер и со засилена лична безбедност во регионот Сват, кој пред пет години беше воена зона. Таму Малала, на 15 годишна возраст, била застрелана додека се возела во нејзиниот училишен автобус. Малала подоцна денес треба да одржи говор во училиште кое го посетуваат само момчиња на периферија на градот, пренесува ББЦ.

20 годишната Малала сега живее во Велика Британија, а во 2014 година стана најмладата добитничка на Нобеловата награда за мир поради нејзиното афирмирање на правото на жените за образование во конзервативните делови од Пакистан, што ја направи мета на атентатори.

По нападот таа основа фонд „Малала“, кој досега има инвестирано шест милиони долари за училишта, книги и за ученички униформи. Малала и понатаму е гласен активист за правата на жените на образование. Во моментов студира политика, филозофија и економија на Универзитетот Оксфорд. Таа вели дека планира трајно да се врати во Пакистан по крајот на нејзините студии.

Малала останува фигура која го поларизира Пакистан. Иако мнозинството од граѓаните ја поддржуваат, таа е предмет и на жестоки критики од оние кои велат дека таа ја срами нејзината земја.

Често е мета на онлајн напади од конзервативците, кои веруваат дека таа следи западна агенда според нивното гледиште. За нив, образованието на жените претставува опасност, особено во руралните делови, каде милиони девојчиња се отпишуваат од училиште за да работат во домаќинствата.