Нобеловиот Комитет не може да го добие Дилан откако му ја додели наградата

Шведската Академија се откажа од обидите да го добие Боб Дилан, денови откако го награди со Нобеловата награда за литература.

„Во моментов не правиме ништо. Се јавив и испратив мејлови до неговиот најблизок соработник и добив пријателски одговори. Засега, тоа е сигурно доволно“, изјави постојаниот секретар на Академијата Сара Даниус.

Досега, американскиот музичар одговори со молк на наградата што ја доби во четвртокот. Истата вечер, тој одржи концерт во Лас Вегас, но не го спомена признанието.

„Воопшто не сум загрижена“, рече Даниус. „Мислам дека ќе се појави“.

Секоја година, на 10-ти декември, добитниците на Нобеловата награда се поканети во Стокхолм да ги примат наградите од Кралот Карл XVI Густав.

„Ако не сака да дојде, нема да дојде. Ќе биде голема забава во секој случај и признанието му припаѓа нему“, рече Даниус.

75-годишниот Дилан, чии стихови имаат влијание на неколку генерации, е првиот кантавтор што добил награда за литература. Меѓу останатите кандидати беа Селман Ружди, сирискиот поет Адонис и кенискиот писател Нгуги ва Тионг’о.

Наградата предизвика контроверзии и поделени ставови, особено меѓу писателите, кои дискутираа за тоа дали книжевните заслуги на Дилан се еднакво значајни со оние на неговите колеги.