Група Нобеловци бараат намалување на глобалните воени трошоци и да се искористат парите за борба против климатската криза, пандемиите и екстремната сиромаштија, јавува „Евроњуз“. Со формирањето во декември минатата година, Глобалната дивиденда за мир има едноставна цел, сите земји-членки на ОН да се договорат да го намалат својот воен буџет за 2 отсто за пет години.
Половина од парите заштедени со договорот се ставаат во фонд управуван од ОН за да се решат некои од најголемите проблеми со кои се соочува човештвото, вклучително и климатските промени. Остатокот од средствата може да ги користат светските лидери за решавање на поединечни прашања со кои се соочуваат нивните нации.
„Човештвото се соочува со ризици кои можат да се избегнат само со соработка“, се вели во писмото.
Во кампањата се посочува дека земјите се под притисок да трошат повеќе за своите воени сили бидејќи и другите го прават истото. Минатата година, глобалните воени трошоци се зголемија на 1.75 трилиони евра, што претставува зголемување од 2.6 отсто.
Повикот за намалување на воените трошоци го поддржаа повеќе од 50 добитници на Нобеловата награда, политички лидери и познати личности, вклучувајќи го и Адам Мекеј, продуцентот на „Don’t Look Up“.
Иако сè уште нема поддршка од некоја конкретна земја, постои преседан. По бруталната граѓанска војна во 1948 година, Костарика ја укина својата војска и ги искористи заштедените пари за социјални инвестиции во образованието, здравството и животната средина.
Доколку секоја земја-членка на ОН се потпише за иницијативата, Глобалната дивиденда за мир проценува дека до 2030 година би можеле да се генерираат околу 1.1 трилиони евра за да се решат „тешките заеднички проблеми на човештвото“.
Во меѓувреме, ваквата кампања може да се поддржи и преку потпишување на онлајн петиција, која досега ја потпишале речиси 50.000 луѓе.