Нобеловата награда за медицина за двајца имунолози кои открија нова терапија против ракот

Имунолозите Џејмс П. Алисон од САД и Тасуку Хонџо од Јапонија се добитници на Нобеловата награда за медицина за 2018 година за нивната нова терапија во борба со ракот преку активирање на вродениот имунолошки систем кај луѓето кој може да ги напаѓа канцерогените клетки.

Нивната работа доведе до терапија за напреден и смртоносен рак на кожата.

„Канцерогените клетки убиваат милиони луѓе секоја година и тие се еден од најголемите здравствени предизвици за човештвото. Преку стимулирање на вродената способност на нашиот имунолошки систем да ги напаѓаат клетките од тумор овогодишните добитници на Нобеловата награда воспоставија целосно нов принцип во терапијата за канцер“, соопштија од Нобеловиот комитет.

Имунолошкиот систем вообичаено бара начин да ги уништи мутираните клетки, но ракот наоѓа софистицирани начини за да се скрие од имунолошкиот напад, овозможувајќи им да се размножуваат и да се развиваат. Многу видови рак го прават ова преку зајакнување на механизмот кој претставува кочница и го спречува имунолошкиот систем да дејствува.

Откритието прави промена на терапиите за рак и довело до нов вид на лекови кои дејствуваат преку деблокирање на механизмите за кочење, предизвикувајќи имунолошките клетки да ги нападнат канцерогените клетки. Лековите имаат голем број нус-ефекти, но се покажале како ефикасни, дури и во случаи на ракови во финална фаза кои претходно не биле лекувани.

Алисон го проучувал познатиот протеин кој служи како кочница на имунолошкиот систем и ја сфатил можноста за деблокирање на кочницата и ослободување на имунолошките клетки да ги нападнат туморите. Потоа тој го развил овој концепт во целосно нов начин за терапија на пациентите.

Паралелно, од Нобеловиот комитет соопштија дека Хонџо открил протеин во имунолошките клетки и по истражувањето на неговата функција открил дека исто така служи како кочница, но со различни механизми на акција. Терапијата заснована на неговото откритие се покажала како многу ефикасна во борбата против ракот.