Нобеловата награда за економија за „теорија на договори“

Британско-американскиот економист Оливер Харт од Универзитетот Харвард и финскиот стручњак Бенгт Холмстром од МИТ Универзитетот се добитници на нобеловата награда за економија, за нивниот доприност во „теоријата на договори“.

ekonomija-nobel-naucnici

Оливер Харт и Бенгт Холмстром

Теоријата на договори го проучува начинот на кој економските актери конструираат договорни аранжмани во присуство на асиметрични информации. Придонесот на нобеловците, претставува целосна рамка за анализа на многуте различни проблеми во дизајнирањето договори, како бонуси базирани на учинок за највисоките директори, најоптимални придобивки за вработените, отстапките во осигурувањето и приватизација на активности во јавниот сектор.

Соопштението од Шведската кралска академија на науките, која ја доделува Нобеловата награда, ја истакнува работата на Харт и Холмстром кои развиле многу апликации во последните неколку децении на оваа теорија.

„Нивните анализи за оптимални договорни аранжмани претставуваат интелектуална основа во дизајнирањето политики и институции во многу сфери, од законодавството за банкрот, до уставни политики“, соопштуваат од институцијата.

Нобеловата награда за економија е единствената која не е создадена од Алфред Нобел и е покрената дури во 1968 година, многу после смртта на шведскиот научник и филантроп.

Досега во оваа категорија доминираа Американците. Дури 55 од 76-те досегашни добитници имале американско државјанство, вклучувајќи ги и нив оние со двојно државјанство. Само една жена досега ја добила Нобеловата награда во оваа област, Елинор Остром во 2009-тата година.

Во четврток ќе се додели Нобеловата награда за литература, последна за оваа 2016 година.