No man’s Sky: Игра која е практично бесконечна

Не постои начин да се посети секоја планета во новата видео игра No Man’s Sky.

Доколку играчот открива една планета секоја секунда би му биле потребни 584 милијарди години за да ги посети сите. Во играта постојат повеќе од 18 квинтилиони планети. Или поточно – 18,446,744,073,709,551,616 планети.

Се работи за акциска авантура на преживување, во која играчот ја почнува играта на крајот на галаксијата и има цел да стигне до нејзиниот центар. Тоа може да се направи преку различни вселенски бродови, како „трговец“, „истражувач“, или како „борец“. Играта ќе прикажува различни светови, со посебна околина и животни, на кои ќе можат да се најдат посебни артефакти и уништени вселенски бродови.

Играта, креирана од британскиот тим „Hello Games“, веќе се прогласи од корисниците за „најголема“, „бесконечна“ и „застрашувачка“, а по првите десет дена од официјалното пуштање во продажба, играчите веќе откриле повеќе видови животни отколку што постојат на Земјата.

Ова е можно бидејќи играта е заснована на компјутерско генерирање на отворен универзум кој го делат сите корисници, односно планети и околина која компјутерот ја конструира самостојно со истражувањето на играчите. Наместо програмерите и дизајнерите да го креираат посебно светот – секоја планета, растение или животно, тие имаат зададено збир на правила по кои компјутерот конструира самостојно. Рибите обично имаат перки, дрвјата имаат лисја, планините изгледаат на ваков начин – по овие параметри играта генерира посебен свет.

Големината на No Man’s Sky значи дека ќе биде математички скоро невозможно играчите да се сретнат на иста планета во исто време. Сепак, уште во првата недела двајца играчи пријавиле дека се нашле во таква ситуација, но не успеале физички да се видат во самата игра.