НМСМ се разочарани од игнорантскиот однос на Агенцијата за млади и спорт

Националниот младински совет на Македонија упати критика до Агенцијата за млади и спорт поради исклучувањето од процесот на Структурен дијалог на европско ниво.

Во својата реакција тие појаснуваат дека учествуваа на претходната конференција во Рига, за Структурен дијалог помеѓу носителите на одлуки во ЕУ и претставници од младинските организации од Европа каде директно се преговара за прашањата од интерес на младите. Препораките од конференцијата за унапредување на младинското учество беа доставени за коментари и дискусија до секоја од земјите учеснички, до Брисел,  а беа тема и на конференцијата на НМСМ во Скопје „Како институциите инспирираат младинско учество“ .

„Во исчекување на поканата за втората конференција каде се применува структурен дијалог која треба да се одржи во Луксембург, како организација веќе вклучена во првиот циклус од процесот, НМСМ не беше номинирана од страна на Агенција за млади и спорт“, реагираат од НМСМ.

Во реакцијата на НМСМ упатена до претставниците од Агенција за млади и спорт стои дека се разочарани од игнорантскиот однос на институцијата кон ова младинско тело.

„Надоврзувајќи се на вашата одлука за избор на младински претставници од Македонија, во врска со учество на Младинската конференција во Луксембург, како дел од процесот на Структурен Дијалог, процес во кој НМСМ беше вклучен од самиот почеток длабоко сме разочарани од односот и одлуката на Агенцијата за млади и спорт за исклучувањето на НМСМ од целиот процес, се вели во реакцијата.

Како најголема мрежа која обединува 60 младински и организации за млади, од НМСМ посочуваат дека имаат капацитет, контакти и искуство кои можат да бидат од огромно значење за видливоста на земјата на Европско ниво и нејзината вклученост во клучни процеси за младите. Додаваат и дека НМСМ уште од почетокот на своето основање е активно вклучен во процесите на структурен дијалог и е во финална фаза на обезбедување на членство во Европскио младински форум.

„Искрено се надеваме дека во иднина Агенцијата за млади и спорт ќе воспостави поинклузивни процедури при избор селекција на учесници кои треба да ја претставуваат земјата и младите од Македонија“, порачуваат од НМСМ.

Европската Унија во рамките на претседавањето со Советот, на секои шест месеци организира конференции на кои директно се применува структурен дијалог помеѓу носителите на одлуки во ЕУ и претставници од  младинските организации од Европа.