НМСМ објави повик за волонтери кои ќе помагаат во поплавените подрачја

Националниот младински совет на Македонија отвори повик за волонтери кои ќе помогнат во поплавените подрачја во Скопје. Тие ги охрабруваат сите млади лица, младински организации и организации за млади да се вклучат во акцијата и воедно да го обележат 12 август, Меѓународниот ден на младите преку хуманитарна акција.

„Од Дирекцијата за заштита и спасување имаме информација дека се потребни волонтери за грижа на цивилното население, расчистување на ѓубрето и сметот и дистрибутери за храна, вода, лекови, сретства за хигиена“, велат од Советот.

Аплицирањето е со пополнување електронска пријава, која е достапна ОВДЕ.

Базата на волонтери што ќе биде креирана од НМСМ ќе биде ставена на располагање на сите неформални групи, национални и меѓународни институции и организации кои формално или неформално организираат хуманитарни акции во поплавените подрачја, како и Дирекцијата за заштита и спасување која во посредство на Националниот младински совет на Македонија ќе координира исто така дел од волонтерите.

Отааму информираат дека се во можност да ги снабдат волонтерите со ракавици и заштитни маски. Исто така, апелираат волонтерите задолжително да се снабдат со гумени чизми и повикуваат, доколку некој има вишок опрема или дополнителна опрема (метли, џогери, лопати, алат), да ги достави во просториите на НМСМ на ул. Костурски Херои бр.51/2 или да се јави на 078 350 531 за дополнителна координација.