НМСМ: Нетранспарентно избран македонски претставник за Регионалната канцеларија за млади

Националниот младински совет на Македонија реагира на нетранспарентниот начин на номинирање на претставник на невладините организации од Македонија за Регионалната канцеларија за младинска соработка. Канцеларијата за млади е воспоставена со договор меѓу премиерите на Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Македонија во август. Во продолжение, Радио МОФ интегрално ја пренесува реакцијата на НМСМ:

„На 27 Август 2015, премиерите на Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Македонија, на Самитот во Виена за Западен Балкан 2015 година потпишаа декларација за воспоставување на канцеларија за младинска соработка (Regional Youth Cooperation Office).

Декларацијата потпишана на Самитот во Виена 2015 ги обврзува релевантните институции од регионот кои учествуваат во процесот да воспостават блиска соработка со Работната група за регионална младинска соработка и да развијат конкретни предлози за мисијата, структурата, активностите и финансирањето на Канцеларијата до 1ви март 2016 година.

Националниот младински совет на Македонија го поздравува вклучувањето на Македонија во процесот и ја поддржува иницијативата за отварање на Регионална канцеларија за младинска соработка во регионот, но  потенцираме дека при номинација на претставник на невладините организации од Македонија не беше отворен јавен повик и не беа информирани невладините организации, ниту пак пошироката јавност.

Националниот младински совет на Македонија апелираше до  Никола Поповски – Министер за надворешни работи, Абдулаќим Адеми – Министер за образование и наука, Марјан Спасовски – Директор на Агенција за млади и спорт,  Зорица Стаменковска – Контакт на влада за Регионална канцеларија за младинска соработка, Вицепремиерот Фатмир Бесими – Секретаријат за европски прашања и до Кабинетот на премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, за повторно отворање на транспарентен и инклузивен процес за избор на претставник од редовите на невладините организации, но тоа не се случи. Дел од институтциите оговорија дека не се надлежни, единствено Министерството за надворешни работи покажа разбирање за ова прашање.

Како чадор организација работиме на подобрување на позицијата на младите во општеството.  Затоа чувствуваме одговорност да информираме за еден толку важен процес и најавуваме организирање на консултативна средба на младинските организации и изразуваме подготвеност да соработуваме со претставниците од веќе споменатите институции со цел подобро да се информираме,  да воспоставиме дијалог за да изградиме заеднички ставови и да ги дефинираме идните чекори на дејствување“, стои во соопштението.