НМСМ: Не смее да се плаќа дополнителен данок за обуки подолги од три дена

Националниот младински совет на Македонија ги осудува најавените измени на Законот за данок на личен доход, со кои за секој организиран подолг тренинг ќе треба да се плаќа дополнителен данок. Алармираат дека со новите законски измени ќе биде потребно да се плати данок на пат, храна и сместување за сите работилници, обуки или тренинзи што ќе траат подолго од три дена.

„На ЕНЕР се поставени предложени промени на Законот за личен дохот, кој директно ги засега здруженијата на граѓани. Имено, согласно член 12, став 1, точка 40 на законот, се воведуваат дополнителни трошоци за организациите кои организираат настани во временски период над 3 дена. Дополнителните трошоци се однесуваат на трошоци за плаќање на личен доход за вашите учесници за сместување, пат и храна, ако вашиот настан е подолг од 3 дена. 

Со оглед на ваквата ситуација, како Национален младински совет на Македонија сме апсолутно против било какво дополнително плаќање на данок на личен доход за сместување, пат и храна кои се наметнуваат во предлог законот за личен доход. Ова претставува дополнителен товар за организациите и значително ќе ја намали охрабрувачката средина за развивање на младински форми на организирање и доедукација. Дополнителните трошоци, дополнителни бирократски процедури само ќе го намалат просторот за делување на младинските организации. Имајќи го тоа на ум, сметаме дека е важно да се тргне дополнителниот трошок во член 12, став 1, точка 40 за организациите регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации. Дополнителните трошоци значително ќе ја намалат можноста на младинските организации долгорочно да работат на развојот на младите и ја става под знак прашалник можноста на младинските организации да организираат настани што се над 3 дена“, стои во реакцијата на НМСМ.