Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) денеска доби грант од околу 10.000 евра за проектот „Youth Wiki“ односно т.н. „Википедија за млади“, која содржи девет поглавја за истражување.
Според претседателот на НМСМ, Блажен Малески, младите конечно ќе может да учествуваат во мониторирањето на политиките и да дадат придонес, гледиште на она што значи младинска политика.
„Драго ни е што можеме да бидеме дел од целокупната приказна на ‘Youth Wiki’, бидејќи тоа не значи само мониторирање, анализа на работите и споредби со другите земји, многу повеќе значи градење капацитети за нови политики. Младите критички да се осврнат на политиките кои ги имаме во Република Македонија и да донесат добробит на целокупниот младински сектор и младите директно. За нас е важно да се гледа крос-секторијално, односно младите како група не се само ‘млади’, туку влегуваат во многу повеќе сфери на животот“, потенцираше Малески.
Од друга страна, рече тој, ова значи и градење доверба меѓу државните институции и младинските организации.
Раководителот на одделот за политички прашања во Канцеларијата на ЕУ, Лукаш Холуб нагласи дека кога ги носат одлуките, водат сметка какви ќе бидат ефектите врз младите луѓе и децата.
„Сакаме да им оставиме најдобра стартна позиција. Тоа не е затоа што треба да изградат животи за нив самите, туку сакаме да оставиме подобри општества за сите. Сепак, правењето политики не значи само да имате добра намера. Исто така, значи слушање што имаат да кажат младите луѓе. Пречесто се случува младите да бидат исклучени од создавањето политики. Време е тоа да го поправиме“, забележа тој.
Како што рече, „Youth Wiki“ е платформа каде младите луѓе можат да ги внесувате своите ставови, политики, сознанија, информации. Не само на национално, туку и на локално ниво.
„Платформата промовира европско државјанство, социјална инклузија, солидарност. Значи сите оние работи кои се всушност суштината на вредностите во ЕУ“, рече Холун.
Премиерот Зоран Заев на доделувањето на грантот нагласи дека интелектот на младите и нивната младешка енергија мора да се стават во функција на развој на државата и мора да се осигура перспективна иднина за младите во сопствената земја.
„Верувам дека преку овој проект младите луѓе ќе имаат одлична можност да ги развиваат своите истражувачки способности, вештини и сериозно да го надоградат своето знаење“, истакна премиерот.
Инаку, грантот го доделува Владата на Република Македонија заедно со Националната агенција за европски образовни политики и мобилност во соработка со Канцеларијата на Европската унија во Скопје.