НМСМ: Да се ослободат приведените демонстранти и отфрлат обвиненијата

Националниот младински совет на Македонија изразува длабока загриженост поради продлабочување на политичката криза во земјава која кулминираше со последната одлука на Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, за аболиција на политичари од власта и опозицијата за кои е поведена кривична постапка.

„Во изминатиот период сведоци сме на низа политички одлуки кои се спротивни на волјата и интересите на голем дел од граѓаните на Република Македонија, кои одлучија своето несогласување да го искажат преку мирни демонтрации по улиците низ Скопје и Битола. Жалиме што во синоќешниот мирен протест настрадаа новинари, бевме сведоци на насилство, грубо кршење на човековите права и апсења.

Меѓу приведените лица е член на Млади европски федералисти (ЏЕФ) – Македонија, организација членка на Националниот младински совет на Македонија и наша должност е јавно да побараме да се ослободат приведените лица и да се отфрлат сите неосновани обвиненија против нив. Сметаме дека ова е закана за младинскиот активизам, младинското организирање и солидарност и има за цел да ги заплаши младите луѓе.Затоа повикуваме полицијата да се воздржи од користење на сила и насилни мерки, а полициските акции да бидат во рамки на процедурите и законите.

Националниот младински совет на Македонија ги осудува последните политички текови во земјава кои се спротивни на европските вредности и вредностите на едно демократско општество и апелираме до сите засегнати страни за конечно разрешница на оваа политичка состојба која никому не му оди во прилог и враќање на довербата во институциите, пред се на младите луѓе, кои се иднината на оваа земја“, се вели во реакцијата.