НМСМ бара од Советот на Европа да не ги крати средствата за млади

Советот на Европа се соочува со голем финансиски проблеми како последица на политичката криза во организацијата. Поради тоа, нов предлог план на канцеларијата на Генералниот Секретар на организацијата, Торбјорн Јагланд, предвидува целосно скратување на финансирањето на активностите на младинскиот сектор почнувајќи од 01 јануари 2021 година.

Ова, пак, предизвика несогласување меѓу европските младински организации. Проблемот е во тоа што Советот на Европа вложува средства и организира настани, на кои учествува и македонската младина. Но, евентуалното кратење на средствата ќе има влијание врз младинските организации кои се корисници на средствата од Европската младинска фондација.

Националниот младиски совет на Македонија го осуди овoј предлог, бидејќи како што велат, младите не се само иднината туку и сегашноста на Европа и не смее да се заборави нивната улога во креирањето политики со цел подобрување на идните општествата. Според НМСМ, укинувањето не секогаш е соодветно решение и дека за вакво прашање е потребен плански пристап.

„Многу е важно гласот на младите да биде слушнат, затоа контактирајте ги Министерството за надворешни работи и претставниците во Советот на Европа“, предлагаат од НМСМ.

„Прикажете им ја сериозноста на ситуацијата и посочете им ја важноста да го покренат ова прашање на следните состаноци и да преземат иницијатива за одржливоста на младинскиот сектор“, додаваат од Националниот младински совет, посочувајќи дека следниот состанок е закажан за 23 мај.

Од НМСМ велат дека веќе стапиле во контакт со Министерство за надворешни работи, изразувајќи загриженост за настанатата ситуација. Очекуваат министерството да ја препознае ургентноста на ова прашање.