НМС: Разочарани сме од недостигот на консултација со студентите

По повод случувањата поврзани со новите измени на Законот за високо образование, студентското движење и окупацијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Национален младински совет на Македонија (НМСМ) излезе со соопштение кое ви го пренесуваме интегрално:

„Поттикнати од најновите случувања поврзани со измените во Законот за високо образование кои поттикнаа значајна студентска ангажираност, НМСМ како најголема чадор организација во Македонија во чиј фокус се младинските прашања и политики одлучи да истапи јавно со свој коментар.

Еден од најважните стратешки приоритети на Национален младински совет на Македонија е унапредување на положбата на младите во општеството преку промоција и дејствување во насока на зајакнување на младинското учество во процесите на донесување на одлуки и промоција на младински активизам, младинско информирање и активно граѓанство помеѓу младите.

НМСМ изразува длабоко разочарување за начинот на кој беа предложени и донесени измените во Законот за високо образование, и недостигот на суштинска и опсежна консултација со студентите кои се најзасегната страна.

НМСМ категорично изјавува дека во креирањето на секоја политика која ги засега младите, институциите треба директно да ги консултираат и вклучат во процесот. Институциите треба да ги земат превид барањата и ставовите на младите кои се самоорганизирале, затоа што тоа покажува дека има и постои голема група на студенти со категоричен став. При креирање на младински политики, најважно е младите луѓе за чија цел се креираат соодветните политики да бидат вклучени и третирани како ресурс, а не како проблем.

Студентската ангажираност во минативе месеци, видена преку самоорганизирање на повеќе факултети и универзитети, демонстрирана низ писма, дебати, маршови, протести, окупации и кретивни акции покажува дека постои одлучност, разбирање и јасна и недвосмислена потреба на студентите да бидат слушнати и сфатени како сериозен чинител во високото образование.

Во таа насока, НМСМ упатува апел до институциите за итно отпочнување на суштински дијалог со студентите и осигурувајќи дека различните перспективи ќе бидат вклучени во овој процес. Само ваквиот инклузивен процес на градење на политики ќе обезбеди квалитет во високото образование, ќе осигура автономија на образовните институции и ќе продуцира квалитетен кадар кој ќе придонесе во развојот на македонското општество.

Потсетуваме дека учеството на младите во носење на одлуки кои се однесуваат за нив е загарантирано и со Европската повелба за учество во локалниот и регионалниот живот, според која младите треба директно да бидат вклучени за сите прашања кои имаат влијание на нивниот живот.“