Њујорк: Знаци напојувани на соларна енергија ќе ги предупредуваат граѓаните за климатските промени

Сообраќајни знаци напојувани на соларна енергија се поставени низ Њујорк како дел од инсталација посветена на заканите од климатските промени.

Десетте големи знаци се поставени во сите пет региони на Њујорк, вклучувајќи области кои се сметаат за особено ранливи на порастот на нивото на морето и силните бури поврзани со климатските промени, вклучувајќи ја и Рокавејс во Квинс и западната страна на Менхетен.

Пораките како „Негирањето на климатските промени убива” ќе бидат прикажани на англиски јазик, како и на јазиците што се зборуваат често во областите каде што ќе бидат распоредени, како што се шпански, руски и француски јазик.

Знаците се дел од проектот на Климатскиот музеј и голем број партнери, вклучувајќи ја и канцеларијата на градоначалникот на Њујорк. Инсталацијата, наречена „Климатски сигнали“, е направена од Џастин Брејс Гуариља, уметник кој редовно работи на еколошки теми.

„Овие знаци праќаат предупредување за кризата со климатските промени и тие нè повикуваат да размислуваме и да дејствуваме по ова прашање”, рече Миранда Маси, директор на Климатскиот музеј.

„Кога ќе видите трепкачки сообраќаен сигнал, вашиот првичен одговор е дека во иднина има неизвесни услови, и токму тоа е климатската промена. Ова е совршен медиум за предупредување. ”

На дел од локациите ќе има и елементи како што се регистрација на гласачи и настапи од страна на климатските научници. Маси рече дека делото не е само активистичко, иако се знае дека Доналд Трамп, роден во Квинс, ја отфрли науката за климатските промени и политиките со кои се намалуваат емисиите на стакленички гасови.

„Секој кој е свесен за климатската криза е згрозен и вознемирен од срамниот напад на администрацијата врз климатскиот напредок”, рече таа. „Но, овој проект не е политички во тесна смисла, станува збор за социјални и културни активности. Ни треба социјална промена за да се справиме со климатските промени. Тоа не треба да биде политички громобран”.