Њујорк тајмс: Наспроти кичот во Скопје

Од балконот на мојата хотелска соба, Скопје, главниот град на Македонија, е распослан пред мене како антикварница на крстосницата на антиката и апсурдот. Нејзините полици се преполни со симболи од епохи што одамна ги нема, со оригинални колекционерски парчиња и со сомнителни помпезни украси, пишува Алекс Кревар во Њујорк тајмс.

Врз една од зградите има Ајфелова кула. Статуата на слободата краси еден хотел. Зад нив, пејзажот го исполнуваат автентични споменици како тврдината Кале, со темели од шестиот век, минималистичкиот Музеј на современа уметност и засводената црква Свети Климент Охридски.

Но она што го привлече моето внимание беше новата карма-каша од мамутски споменици и фасади декорирани како свадбени торти во центарот на градот. На плоштадите и улиците чуваат стража хеленски статуи. Главниот владин комплекс во Македонија, неодамна преобликуван во копија на Белата куќа, комплетиран со четвртест трем и тимпанон, молеше да го погледнам.

Оваа необична ретро-колекција беше дел од контроверзниот проект за обновување на градот, кој почна во 2010 година, а е наречен „Скопје 2014“. За некои овој потфат, кој содржи статуи, згради и реновации, беше обид да се дотера центарот и да се привлечат туристи. За други, тој е политички план да се удри непригоден печат врз културното наследство – со напумпана цена.

Според базата на податоци создадена од Балканската истражувачка новинарска мрежа, изградени се 136 градби за повеќе од 700 милиони долари – прилично голема сума за една од најсиромашните земји во Европа. Оваа стратегија е чудна за еден град со 2.500-годишна историја што се протега на Римската, Византиската и Отоманската Империја.

„Главниот заклучок на повеќето туристи е дека Скопје станало нова престолнина на кичот во Европа“, ми напиша Андреј Жерновски, градоначалник на скопската општина Центар, во имејл. „Последиците од менувањето на изгледот на градот го менуваат идентитетот на градот, бидејќи неокласичниот и барокниот стил никогаш не биле присутни во македонската историја.“

Во еден ведар пролетен ден, тргнав кон центарот, заедно со мажите во кошули со кожени машки чанти (сеприсутни во Југоисточна Европа) и жените со огромни очила за сонце и провокативно високи потпетици. Минував низ неодамна подигнатата Триумфална капија што личи на париската Триумфална капија. Скопско-парискиот споменик сè уште беше снежно бел, сè уште не беше станат подлога за протестите – против растечката загриженост во врска со корупцијата во рамките на владејачката партија – што ќе стане една недела подоцна.

На плоштадот Македонија, главниот градски плоштад, се пробив меѓу наконтените владини статуи. Над пешаците се извива 22 метарски бронзен лик што личи на Александар Велики на коњ и мавта со меч (официјално наречен „Воин на коњ“, а откриен во 2011 година). Четири статуи на Олимпија, мајка му, седат на работ од една фонтана.

Во галеријата Остен, место со месечни изложби и постојани дела на Салвадор Дали и Пабло Пикасо, го сретнав Ангел Ситновски, локален архитект. Отидовме зад аголот во гостилницата „Кај Јоле“, ресторан со традиционални јадења како ќебапи, крчкано свинско и кромид, кои чинат 280 денари, или околу 5 долари. Во иста зграда со Здружението на писателите на Македонија, боемската кафеана е отворена во 1963 година, кога градот беше потресен од земјотрес во кој загинаа повеќе од 1.000 луѓе. Порачав чорба и локално пиво наречено „скопско“.

„Единствената добра работа е тоа што тие избраа мал простор за да го изградат сето ова – околу еден квадратен километар“, ми рече господинот Ситновски за ефектот на Скопје 2014 врз градот. Тој одмавна со главата. „Туристите навистина мора да ги видат старите делови што сè уште не се уништени.“

Со листа на предлози во раката, тргнав. На зајдисонце ја преминав реката Вардар, која го дели градот на два дела, кон квартот од отоманската ера познат како Чаршија. Стоев на Камениот мост, изграден во 15 век врз римски темели. Зад мене, фонтаната под Александар сега е осветлена со калеидоскопско светлосно шоу додека одново и одново ечи Вагнеровата „Танцот на Валкирите“. Пред мене (кон североисток), татко на воинот, џиновскиот Филип Втори, стои пред влезот на Чаршијата со тупаница подигната во чест на неговиот флуоресцентен син.

Ме преплави еден „аха“-момент. За да ја дознаете суштината на Скопје, мора да ја скршите неговата лушпа и да нурнете во неговите населби за да ги одлупите слоевите на овој неочекувано чудесен град, познат по свежата храна и местата што ја изразуваат музикалноста на Македонија.

Влегов во Старата чаршија, во центарот на животот во текот на 500-те години отоманско владеење со почеток во 1392. Камени средновековни џамии и минариња закотвени на калдрмените улици со начичкани продавници за накит, за бакарни сервиси за кафе и за кожни производи, со теракотни покриви. Поранешните амами и анови денес служат како галерии и музеи.

Чекорев по една стрмна улица, покрај редица барски дворови, кон црквата Свети Спас, во која има 9-метарски, комплексно резбани иконостаси и фрески од 17 век. Веднаш до неа, седнав во Пивница Стар Град, отворена во 2009 година, која прави 10 типа пиво и на чија преполна тераса еден бенд свири американски рок. Нарачав светло пиво.

„Мислам дека најдоброто место во Скопје е Чаршијата“, ми рече Пане Темов, сопственикот на пиварницата, кој го препорачува и годишниот Баскерфест и кој имаше голема улога во враќањето на ноќниот живот во оваа древна населба. „Ова го гледам како доблест за градот и за разновидноста што доаѓа со него.“

Две соседни локации, на работ на Чаршијата, ги претставуваат дијаметралните спротивности на таа различност. Тврдината Кале (слободен влез), разгледница на Скопје, е изградена уште во почетокот, најверојатно од бронзената доба. Средновековните ѕидини по кои се чекори денес, со прекрасниот поглед, биле многу пати надградени од шестиот век до Отоманската империја.

Музејот на современата уметност, кој бил отворен во 1970 година зад Тврдината, можеби е најдобро чуваната тајна на Скопје. Природната светлина го преплавува трокрилниот изложбен простор од 3.000 квадратни метри, кој содржи 3.000 дела од 65 земји. Меѓу уметниците се и Александар Калдер, Пикасо и фотографот Роберт Адамс.

Во наредните денови речиси секој разговор што го слушнав вртеше на политика. Додека пешачевме по една патека на Водно, 1.000-метарската планина на југозападот на градот, мојот пријател Александар Донев, роден и израснат во Скопје, зборуваше со страст. „Ова отсекогаш бил комплициран и мешан град и историски и етнички – кога ќе помислите на (територијалните) проблеми со Грција, Бугарија и Албанија – но во моментов ние навистина имаме криза на идентитетот“.

Патот нè однесе под жичницата што ги превезува семејствата до врвот и до 65-метарскиот Милениумски крст, изграден во 2002 година. Гледавме надолу кон центарот и снежно белите градби на Скопје 2014 опкружени со, во споредба со нив убавата бруталистичка архитектура од комунистичката ера.

„На главниот плоштад порано имаше цвеќиња и некоја дискретна опуштеност“, продолжи господинот Донев. „Мора да ја загребете површината на овој град, бидејќи доаѓањето тука само за го фотографирате тоа не значи ништо.“

Се упативме кон населбата Дебар Маало, на 10 минути пеш од главниот плоштад, но сосема посебен свет. Барови и кафулиња наредени на улиците покриени со лисја. Тетовирани родители туркаат детски колички. Пријателите наздравуваат со чаши вино седнати на маси на тротоарите.

Седнавме на маса под еден разгранет орев во дворот на Каза-бар. Отворен во 2013 година, во Каза дење свири аренби, а ноќе вртат диџеи. Порачав мохито и ме понесе лежерниот скопски ритам – позаинтересиран за јадење и пиење отколку за поставување споменици.

Кога на маса се појави темата Скопје 2014, еден нов познаник рече: „Би било кул кога би можеле ова да го искористиме на добар начин. Можеби да ги обоиме зградите и спомениците во различни бои.“

Вечерта шетавме по главната улица, булеварот Партизански одреди, кон гостилницата Тото, каде што локалците седат на тротоарскиот двор. Нарачавме едноставни, гурмански јадења: зелени салати, пржени тиквички и црвени пиперки, парчиња сирење, топол леб, сарми од лозов лист, рачно правено пире наречено пинџур (зелени пиперки, лук и патлиџани) и ќебапи. Пиевме пиво и ракија. Сметката за двајца беше 22 долари.

Насекаде во Југоисточна Европа, дури и во соседните земји, кои е тешко да ги импресионираш, постојат генерализации за Македонија. Една од нив е исклучителната убавина на пејзажот. Друга е разновидноста на нејзината музика.

„Се наоѓаме на некои интересни крстосници меѓу Истокот и Западот“, ми рече на скајп Влатко Стефановски, светски познатиот гитарист и жител на Скопје, во пауза помеѓу европските свирки. Стефановски, кој ги меша традиционалните и популарните стилови, беше еден од столбовите на југословенската рок-сцена во 1970-тите и 1980-тите. „Ние имаме влијанија од старата византиска музика, имаме влијанија од Отоманската Империја, а имаме и влијанија од класичната музика на Европа. А во последно време имаме големи влијанија од поп-музиката и рокот и џезот.“

Додека мојата недела привршуваше, оставив еден цел ден за да посетам две места што ги нагласуваат убавините на градот: кањонот Матка и Сектор 909, преполн ноќен клуб отворен во 2003 година. Прво се упатив кон кањонот. Клисурата, пресечена од реката Треска, опфаќа 50 квадратни километри. Околу реката и езерото, создадено со браната Матка, пирка ветер од шумите што функционираат како арборетуми со 77 вида пеперутки. Одејќи по една од патеките, ги гледав планинарите и кајакарите. Поминав покрај три манастири, вметнати во дупки во карпите, изградени помеѓу 14 и 17 век.

Кога се вратив во Скопје, веќе се шушкаше за протестни маршеви против владејачката партија во земјата, која е под истрага за прекршоци вклучувајќи прислушување, уцена и изборна измама. Меѓутоа, кога влегов во Сектор 909, протестните мисли испарија со ритмите што пулсираа меѓу огледалата во просторот, кој се капеше во заводливи црвени снопови светлина.

Танчари помешани со диџеи што не се на смена, но си ја проверуваат конкуренцијата. „Кога почнавме, неколку промотори се бореа за различни стилови музика – бевме Детроит фанк хаус“, ми рече сопственикот, Огнен Узуновски. Тој рече дека една од причините поради кои продолжил да го промовира еклектичниот стил е тоа што неговата улога е „да ги едуцира младите луѓе, особено во оваа политичка ситуација“.

Шарената револуција, како што подоцна стана позната, почна следниот ден. Мажи и жени, млади и стари, сите излегоа на улиците. Фрустрацијата и креативноста вкрстени во форма на мирен марш, пластични свирчиња и, дефинитивно, боја.

Во рок од една недела помпезните амблеми на кичот станаа мотори на полоковската насочена уметност, додека демонстрантите фрлаа балони полни со боја врз владините згради, врз Воинот на коњ, Триумфалната капија. Симболите на корупцијата станаа темел на ослободувањето. Лушпата беше скршена. Под површината, на сцената дебитираше еден антички град на работ на ренесансата.