„Њујорк тајмс“ на насловната страница објави имиња на 1.000 луѓе починати од Ковид-19

„Њујорк тајмс“ на денешната насловна страница објави имиња на 1.000 жртви од новиот коронавирус во Соединетите Американски Држави. На овој начин, еден од најугледните американски дневни весници оддаде почит кон жртвите, кои ја достигнаа бројката од речиси 100.000 луѓе починати во САД, пренесува „Н1“.

Покрај имињата на починатите, наведена е и годината на раѓање, местото на живеење, како и кратки детали од нивната биографија. Од „Њујорк тајмс“ велат дека листата ја составиле врз основа на 1.000 некролози кои се објавени во стотина весници ширум САД. Со ова, тие сакале да посочат на човечкиот и индивидуалниот аспект на смртноста од Ковид-19.

За 85-годишната Џун Беверли Хил од Сакраменто е наведено „никој не правеше компири и слатко како неа“.

Оваа недела, 11 држави во САД пријавија рекордни броеви на нови случаи на коронавирусот, вклучувајќи ги Алабама, Арканзас, Минесота, Северна Дакота, Њу Хемпшир, Мериленд, Мејн, Невада, Јута, Вирџинија и Висконсин.

САД моментално е прва земја во светот по бројот на заразени и починати од последиците на Ковид-19.