Ниуе – малата држава која не сака да зависи од странски кредити

Ниуе, една од најмалите држави во светот, објави дека повеќе нема никаков долг и планира со парите кои ќе ги заштети од сервисирањето на кредитите, да ги подигне пензиите и платите во јавниот сектор, како и да понуди стимулации за да ги привлече иселениците да се вратат во татковината.

Државата-остров е сместена на корален атол во јужниот Пацифик. Во неа живеат помалку од 2.000 луѓе.

Иако имаат посебна власт, островот не е целосно независен и поврзани се со Нов Зеланд, кој обезбедува околу 14 милиони долари годишна помош, пружа воена заштита и ги раководи надворешните работи на Ниуе.

Премиерот на островот, Токе Талаги, вели дека земјата успеала да го отплати долгот од 4 милиони долари и не е заинтересирана за нови заеми, особено не од големите светски сили, како Кина, која им понудила голема сума која другите острови од Пацификот ја прифатиле бидејќи „била предобра за да ја одбијат“.

„Сакаме да живееме во рамките на нашите можности, користејќи ги природните ресурси кои ги има островот, како туризмот, бананите и извозот на вода. Подобро за нас е да бидеме стрпливи и да инвестираме во пронаоѓање извори на приходи на нашиот остров од кои би зависеле“, рекол Талаги за Гардијан.

На први декември, според најавите на премиерот, пензиите за жителите на Ниуе ќе се подигнат за скоро 9%, од 250 долари на 272 долари.

Владата планира да ги зголеми платите и на вработените во јавниот сектор во следните три до пет години, за да достигнат 80% од оние на Нов Зеланд.

Талаги вели дека нема да се смени праксата на четири работни дена во неделата за вработените во државната администрација, откако жителите добро одговориле на дополнителниот слободен ден наменет за волонтирање и вклучување во активности на заедницата.

Во август, Ниуе соопшти дека родителите на бебињата родени на островот ќе добијат еднократен износ од 1.437 долари, потег со кој Талаги се надева дека ќе се привлечат младите луѓе од островот да дојдат дома и да основаат семејства. Овие мерки се мотивирани од потребата да се одржи и да се развие малиот број население на островот. Низ децениите, илјадници жители на Ниуе се иселиле во Австралија и Нов Зеланд поради работа и други можности.

Тој феномен остави стотици празни куќи низ островот, што ги загрижува жителите на островот дека ќе нема доволно луѓе за Ниуе да се одржува.

Владата сака да се оттргне и од големата зависност на странска помош, амбиција која ја поддржува и владата на Нов Зеланд.

„Последните неколку години имаме 10% зголемување на нашата популација, пред се поради тоа што млади се враќаат од Нов Зеланд. Некој вид на обратна миграција. Работите се тешки во Нов Зеланд, луѓе спијат во своите автомобили – тоа е страшно. Сега гледаме дека жителите на Ниуе се предомислуваат дали да останат таму, а добредојдени се да се вратат назад“, порачува Талаги.