Ниту една пријава кај антикорупцискиот офицер на УКИМ, студентите сметаат дека корупцијата е „нормализирана“

Во тригодишниот мандат на антикорупцискиот офицер на најстариот универзитет во државата – „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), професорот Гордан Кајајџиев не добил ниту една пријава, а исто така и професорката Гордана Лажетиќ, која е на оваа позиција од април годинава. Студентите, пак, сметаат дека корупција постои, но истата е „нормализирана“, пренесува агенцијата Мета.мк.

Според антикорупциската програма, објавена на сајтот на УКИМ, под корупција се подразбира „секое дејствие или пропуст што ќе го стори член на универзитетската заедница при вршење на својата дејност и работна обврска, а за тоа како возврат бара или прифаќа некаква корист, погодност или интерес за себе или за друго лице, секое пречекорување и прекршување на вршењето на избраната функција во органите и телата на УКИМ и единиците на УКИМ, пропишаните правила за спроведување колоквиуми и испити, оцена на есеи и семинарски трудови, одбрани на дипломски и магистерски трудови и докторски дисертации, избор во звања и сл. заради директно или индиректно ветена, понудена, дадена, побарана, прифатена или очекувана материјална или нематеријална корист, погодност, предност или друг интерес од страна на член на универзитетската заедница, било тоа да е за себе или за некој друг“.

Како овластено лице за прием на пријави на корупција се избира од редот на редовните професори, а пријава може да поднесе било кој член на академската заедница. Подносителот може да побара заштита на идентитетот во текот на постапката.

Досега универзитетот ги информираше сите студенти преку мејл дека има назначено антикорупциски офицер. Информациите стојат и на веб-страната на УКИМ, а пријава може да се поднесе на мејлот: gordana.lazetic@ukim.edu.mk

Професорот Гордан Калајџиев кој беше на оваа позиција три години, за Мета.мк вели дека има нејаснотии околу надлежностите на офицерот. Тој смета дека офицерот нема доволно јасни овластувања бидејќи не е пропишано до кои документи смее да дојде, а до кои не, ниту пак е тестирано на конкретен случај.

„Кога би се тестирале надлежностите во постапка, би се утврдиле слабости“, вели тој, појаснувајќи дека суштината е инаку јасна: „треба да имаш пристап до веродостојни податоци за да донесеш одлука. Крајната одлука, сепак не е на офицерот, туку на Ректоратот“.

За тоа што нема пријави, Калајџиев смета дека нема големи услови за корупција, бидејќи критериумите за запишување и положување испити се пониски од порано.

„Денес студентите релативно лесно завршуваат степен на образование. Сепак, не можам да тврдам дека нема или не постои корупцијата, но сметам дека приказната е преувеличена“, вели тој додавајќи дека професорите немаат толкава моќ да злоупотребуваат како порано.

Калајџиев смета дека потребно е сериозно истражување со научни критериуми за да се утврдат пореални појави на корупција бидејќи, како што вели тој, „имаме проблем со перцепцијата“.

„Ако направите анкета, половина од студентите ќе речат дека има корупција, но тешко ќе наведат кои форми ги препознаваат и кои инциденти. Повеќе ќе ви зборуваат за општи проблеми како на пример она со учебниците. Значи има повеќе шпекулации отколку реални проблеми со кои се соочиле“, смета Калајџиев појаснувајќи дека контрадикторно е да нема ниту еден пријавен случај, а да има студии за перцепција со високо ниво на корупција.

Тој смета дека ситуацијата истакнува други проблеми кои ги маргинализирале коруптивните.

„Подобро да има некоја доза на корупција, а критериумите на запишување и учење да се построги отколку да нема корупција затоа што сите положуваат лесно“, ни објасни професорот.

За истиот проблем, професорката Гордана Лажетиќ која е на оваа позиција девет месеци, за Мета.мк вели дека доколку имало барем еден случај ќе ги знаевме размислувањата на студентитете врз основа на тој случај.

„Паушално е да говорам без никаков случај. Ние како офицери не можеме да им повлијаеме да пријавуваат без да знаеме како расмислуваат“, вели таа.

Мета.мк поразговара и со неколку студенти на УКИМ во однос на тоа дали има корупција и зошто не се пријавува. Повеќето сметаат дека корупцијата во високото образование не е изолиран инцидент, туку длабоко вкоренет системски проблем. Таа се манифестира низ различни форми, од „снаоѓање“ на испити и фаворизирање, до директно мито, но ретко се именува јавно.

„Не постои сегмент во кој корупцијата нема пуштено корени. Растејќи во ваков систем, ни отапе чувството за препознавање на проблемот“, вели студент од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и додава дека апатијата кај младите е директна последица на отсуството на институционална волја за суштински реформи.

Студенти од Правниот факултет „Јустинијан I“ велат дека корупцијата најчесто е позната меѓу студентите, но делумно е и „добро скриена“. Сепак, пријавувањето останува речиси непостоечко. „Лично не познавам никој што се осмелил да пријави корупција“, вели една студентка. Таа додава дека причините се повеќеслојни, од нормализирање на корупцијата во општеството, преку страв од одмазда, до перцепцијата дека системот може и лично да се искористи.

Слични искуства споделуваат и студенти од Природно математичкиот факултет (ПМФ), кои велат дека корупцијата често се прикрива зад „нормалното функционирање“ на системот, преку нејасни критериуми за оценување и различен третман на студенти.

„Стравот дека ќе бидеш обележан или дека ништо нема да се смени е клучната причина зошто не се пријавува“, велат тие.

Студенти од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер (ФДТМЕ), пак, сметаат дека „постои реален страв дека никогаш повеќе нема да положиш кај одреден професор или кај негови блиски колеги“ ако пријавиш корупција, а откако студентите ќе положат, „најчесто исчезнува и мотивацијата повторно да го отвори проблемот“.

Иако формално постојат механизми за заштита на академскиот интегритет, студентите оценуваат дека тие ретко функционираат во пракса. „Проблемот не е дали има ресурси, туку дали навистина постои волја да се користат“, посочува студент од Правниот факултет.