По повод 3 мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) потсетува дека постојат ниски плати, несигурност и притисоци.
„Истражувањето на ССНМ покажа дека најголем дел од новинарите и медиумските работници во Република Македонија работат во услови на прекаријат, со ниски плати, несигурни работни места, под силни притисоци и често со високо ниво на автоцензура“, велат оттаму.
УНЕСКО во 2025 година го одбележува овој ден под мотото „Известувањето во новиот храбар свет – Влијанието на вештачката интелигенција врз слободата на медиумите“.
Сепак, од ССНМ посочуваат дека иако ВИ на голема врата влијае врз новинарството, се’ уште не се зема сериозно, бидејќи медиумската сфера се соочува со низа сериозни проблеми.
„Во медиумите работат околу 2.100 луѓе, распоредени на 3.146 работни позиции. Околу половина од новинарите и 70% од медиумските работници имаат примања под просечната месечна плата“, забележува Синдикатот.
Во онлајн медиумите, пак, од околу 700 луѓе само 39,1% се редовно вработени, што е речиси исто и со локалните медиуми каде речиси две третини се хонорарно вработени новинари и медиумски работници.
„Една четвртина од граѓаните во Република Македонија распространети на повеќе од половина на територијата живеат во таканаречени медиумски пустини“, дополнува ССНМ.
Од таму нагласуваат дека без професионално новинарство не може да има развој на демократијата.
„Само социо-економски обезбедени новинари може да известуваат објективно и да го бранат јавниот интерес“, потенцира ССНМ.
Оттука, Синдикатот потенцира дека борбата за слободата на медиумите е постојан процес – тоа е секојдневна реалност за новинарите и медиумските работници кај нас.
„Со несигурни договори, ниски примања и постојан приситок, потребен е обединет фронт“, констатира ССНМ.
За состојбите во македонскиот медиумски простор вчера беше нотирано и од „Репортери без граници“.
Од таму констатираа дека новинарите во Македонија не работат во непријателска средина, но широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата во медиумите. Дополнително, владините претставници покажуваат тенденција на лош и понижувачки став кон новинарите.
Според извештајот за Индексот на слободата на медиумите, ваквата состојба ги изложува независните медиуми на закани и напади, поради што Македонија бележи пад од шест места од лани и годинава таа е рангирана на 42 место од 180 држави.
„Репортери без граници“ констатираа дека иако севкупните услови остануваат поволна за слободата на медиумите, владините агенции не се многу транспарентни, а критичкото новинарство е сè повеќе предмет на напади.
„Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок од властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создале паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредничка и финансиска независност“, се наведува меѓу другото во извештајот.
Бојан Шашевски