Нина Ангеловска од „Групер“ ќе биде министерка за финансии, Елизабета Наумовска заменик министерка за образование

Директорката на „Групер“ Нина Ангеловска ќе биде предложена за нова министерка за финансии, а Елизабета Наумовска за заменик министер за образование, најави премиерот Зоран Заев по седницата на Централниот совет на СДСМ.

Ангеловска треба да го пополни празното место во финансии по смената на Драган Тевдовски, додека Наумовска ќе дојде на местото на Петар Атанасов, кој во јуни си даде оставка од функцијата во Министерството за образование и наука. Кире Колемишевски пак ќе биде новиот заменик министер за економија, додека за заменик министер на новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците ќе биде назначен Неџат Мехмедовиќ.

Според Заев, со новите именувања се испраќа порака дека Владата дава шанса на младите луѓе во земјава.

На состанокот на Централниот совет на СДСМ беа избрани и новите потпретседатели на партијата меѓу кои е избран и писателот и ПР експерт, Коста Петров.