Никулец – културна веб енциклопедија за деца и млади

Замокот на училиштето „Никулец“

Замокот на училиштето „Никулец“

Новата интернет страница „Никулец“ претставува културна енциклопедија, водена и пренесувана преку фантастична и образовна приказна. При посетата на страницата, веднаш се забележува дека станува збор за нешто поразлично од содржините кои во моментот се достапни на интернет.

Од „Никулец“ за Радио МОФ, велат дека старосната граница на оние кои би ја истражувале страницата, би започнала со децата од 11 годишна вораст кои веќе активно истражуваат на интернетот.

„На нашата културна енциклопедија на македонски јазик, посетителите ќе можат секојдневно да откриваат нови интересни потврдени содржини од најразлични категории, како и култни музички и филмски предлози. Главната алатка која не води низ интернет страницата е приказната за фантастичното училиште Никулец, за неговите директори и неговите професори од чии предавања ги учиме новите работи. Целта ни е да поставиме нов, интересен и интерактивен начин на истражување и пребарување содржини, кои секому можат да му бидат интересни. Целта ни е да направиме избор“, вели Радмила Бошкова-Сотировски која е дел од тимот на „Никулец“.

Иако nikulec.com е пред се виртуелно училиште наменето за младите, сепак, според Аида Реџепагиќ, која е исто така дел од тимот, сите можат да најдат нешто за себе, бидејќи содржината е интересна за најразлични возрасти.

„Добри гости, поитајте напред и едно знајте пред да влезете внатре. Мудрости големи ќе пронајдете, но на забранетите тајни внимавајте. Секој кој ќе помине низ ходников таен, не смее се’ да види и се’ да знае“, е реченицата која им посакува добредојде на читателите кои ќе се решат да ја истражат оваа нова интернет страница, која доби и своја фан страна на Фејсбук.