Никос Чаусидис: Државата да им обезбеди услови на студентите и да ги остави на раат

Во интервју за младинската организација „Мугра“ професорот д-р Никос Чаусидис од Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје ги споделува неговите видувања за Болоњскиот систем и за бесплатното образование.

Кои се слабостите на Болоњскиот систем во Македонија? Дали тој треба да се укине или да се подобри?

Слободата е нож со две острици. Пред Болоњскиот систем имаше висок степен на слобода, и кај професорите и кај студентите. Добрите професори и добрите студенти добро ја користеа таа слобода за да го прилагодат ритамот на наставата и ритамот на судирањето во име на принципите на квалитет и уживање во процесот. Лошите професори и лошите студенти ја користеа како фактор кој ја толерира нивната мрзеливост, неспособност, неорганизираност и немотивираност. Болоњскиот систем малку ги натера вториве да се мобилизираат и да станат нешто пооодговорни, а на првите им ги намали квалитетот и уживањето во работата, на сметка на брзината и формалната ефективност. Болоњскиот систем е спроведен со две клучни приципиелни мани. Од концепт тој се претвори во збир од неконсеквенти административни процедури кои често се менуваат, но и онака не се почитуваат, туку на „лукав балкански начин“ се изигруваат и первертираат. Кога доследно би се спроведувале, дури и вака како што се „осакатени“, студирањето би изгледало сосем поинаку (можеби не одлично ама барем попристојно).

Како мислите дека студентот ќе се избори во универзитетската хиерархија, за да биде чуен неговиот глас?

Мора да проработат институциите и мора студентите да се воспитуваат на самодостоинство. Тоа е проблем на нашиот менаталитет и традиција која тешко се менува. Овогодишниот пример покажа дека нашиот студент, барањето права го смета како еден вид „инцидент“ и „убав настан“ кој нуди: „емоционална сатисфакција“, „нѐ има по медиуми“, „горди сме оти сме моќни“; ама по некое време тоа станува здодевно и монотоно, и никој не сака секој ден да работи на таа тема. Па, на крајот, сета активност ја влечкаат само грст луѓе.

Државата (во дијалог со професорите и студентите) треба да ги постави институтиците и механизмите на студентската демократија. Таа треба да им обезбеди материјални и финансиски услови и да ги остави на раат, односно да им обезбеди независност. Јас дури би се залагал за студентските „функционери“ да добиваат и одреден финансиски надоместок, но во исто време и механизам, преку кој во било кое време би можела да биде изгласана нивна недоверба од страна на студентите (за да не станат бирократи).

Дали во Македонија постоело бесплатно високо образование во минатото? Ако да, како изгледало тоа?

Немам прецизни информации. Добро помнам дека додека јас студирав (1978-1985), не постоеше уплаќање на некоја значителна сума пари за упис на година, освен вообичаените минимални такси. Не можам да кажам дека изгледало добро, затоа што немаше систем на селекција на кандидатите според успех и други способности. Знам дека имаше и приемни испити, но претпоставувам дека тие се усогласуваа со моментната политика на државата за високото образование. Кога партијата ќе побарала масовно студирање, се пуштало да се запише секој, а кога ќе почувствувала дека треба малку да сопре, тогаш и критериумите за прием станувале построги.
Една година, јас лично, како помлад асистент, ги испрашував и селектирав кандидатите за прием на Институтот за историја на уметноста и археологија. Се сеќавам дека тоа беше помала група од дваесетина студенти, од коишто повеќето, за време на студиите покажаа голем успех. Речиси половина од нив запишаа и завршија постдипломски студии, а некои и докторираа.

Јас сум противник на масовното студирање. Претпочитам високи критериуми за прием на нови студенти и нивно запишување во помал број, за наставниците да имаат повеќе време да работат со секој од нив. Проблемот со талентирани кандидати, коишто немаат средства за самите да го платат своето студирање, треба да се реши со беспрекорно и правично функционирање на системот за стипендирање. Најважни предуслови за квалитетни студии се:

Обезбедување на талентирани и мотивирани студенти (преку систем на строга селекција);

Обезбедување квалитетна настава (помалку студенти – повеќе време за работа со нив – поквалитетна настава );

Обезбедување на средства (студирањето не треба да биде бесплатно, туку тоа треба да се компензира со доволен број стипендии кои ќе им се даваат на вистински луѓе).

Какви се изгледите за бесплатно високо образование во Македонија?

Не знам какви се, затоа што работите се менуваат од минута во минута. Денес ви е ветен бесплатен превоз. А тоа, според моите проценки, е износ од околу 200 евра годишно (горе – долу, тоа е износ за една двосеместрална школарина). Не би сакал студентите да бидат среќни поради оваа постапка, затоа што тоа е „морковче“ за да го гласаат „широкодушниот водач“ кој овој трошок всушност го покрива со кредит кој ќе го плаќате самите вие од вашите идни плати, и тоа со камата. Воопшто нема да се зачудам ако следното „морковче“ ќе биде ветувањето на бесплатно студирање.