Николовски: Отвораме кол центар за пријавување корупција, „Е-инспектор“ и ќе се бира најдобар административец

Во секое министерство ќе се избира најдобар административец на годината, а граѓаните, пак, преку повикувачки кол центар ќе може да пријавуваат ненавремено постапување на надлежните институции за поднесени барања, решенија, дозволи… без разлика дали станува збор за спорт или урбанизам. Ова денеска го најави вицепремиерот за борба против корупција и криминал Љупчо Николовски.

„Граѓаните треба да ја препознаат корупцијата, но и не треба да се плашат да ја пријават затоа што никој не е над законот“, рече тој.

Николовски посочи дека новата 2021-ва ќе биде антикорупциска година, со активна и постојана кампања за подигнување на свеста кај граѓаните, за негативните ефекти на корупцијата и за сите механизми кои им стојат на располагање за да се спротистават.

„Оваа година започнуваме со воведување на електронски систем за инспекција „Е-инспектор“, којшто ќе овозможи електронско поврзување и работење на сите 28 инспекциски служби. Со овој систем ќе се намали субјективното влијание на инспекторот за време на инспекцијата“, најави вицепремиерот.

Во 2021 продолжуваат со имплементација на препораките од ГРЕКО.

„Во првата половина на годинава, во соработка со УСАИД ќе се спроведе тест за проценка на интегритетот на членовите на Владата и нивните советници и надворешни соработници. Во соработка со Министерството за правда, ќе се фокусираме на екипрање и дигитализација на истражните центри во Јавното обвинителство, што ќе придонесе во борбата против корупцијата и криминалот преку брзо решавање на предметите“, изјави Николовски.

Тој смета дека креирање на единствен регистар на недвижности за сѐ што е во државна сопственост, како и регистар на подароци, би требало да придонесе за домаќинско управување и постапување со државниот недвижен имот, со што би се зголемило и нивото на одговорност на носителите на јавни функции преку почитување на начелата на отчетност и транспарентност.