Николовски: Чадот од оџакот на „Кузман“ се појавува кога има проблеми со греењето

Секогаш кога има проблеми со греењето, се појавува црниот чад од оџакот на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, кој трае неколку часови, вели директорот на Државниот студентски центар, Дарио Николовски за Радио МОФ.

Тој појасни дека проблемот настанува кога системот за греење е исклучен и треба повторно да се вклучи.

Денешниот случај е резултат на дефектот кој настанал вчера, посочи Николовски, за кој вети дека ќе биде решен до крајот на денот.

„Работам на овој проблем откако сум дојден како директор. Останатите два дома ни се на парно, а овој ни е на мазут, така што нè чини поскапо и ја загадуваме животната средина. Веќе е направен проект заедно со Министерството за животна средина, кој е дел од Планот за чист воздух, за „Кузман“ да се префрли на парно“, појасни директорот на ДСЦ.

Граѓани споделуваа фотографии и видеа од чадот и сведочеа за ужасната миризба која се ширеше долж целата улица.

И командирот Звонко Томевски од пожарната служба во Скопје потврди дека станува збор за честа појава. Од Инспекторатот на Град Скопје најавија проверка на терен во текот на денот.