Никола Спасовски и Ардита Зулфиу се најдобрите млади преведувачи

Студентите Никола Спасовски и Ардита Зулфиу се победниците на петтата Награда за најдобар млад преведувач „Вавилон“, која се одржува по повод Европскиот ден на јазиците. Признанија, пак, добија нивните колеги Адријана Трајанова и Марио Стојаноски.

Наградите ги врачија Фрејк Јанмат, претставник на Делегацијата на ЕУ и Огнена Никуљски, претседател на Здружението на преведувачи и толкувачи на Република Македонија, Калина Малевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Љубица Арсовска.

Оваа година за првпат, наградата „Вавилон“ се состои од студиско патување, покрај членството во Здружението и објавување на нивниот превод во магазинот „Културен живот“.

Целите на наградата за најдобар млад преведувач основана од Делегацијата на ЕУ во 2013 година се промоција на младите преведувачи, како и поттикнување на квалитет во преведување книжевни дела.